X
 23.01.2021 Здравје

Кратка историја на антиваксерството

Можеби ќе бидете изненадени, но антиваксерското движење не само што не е безопасна нововековна појава на слободните корисници на социјалните мрежи, туку има далеку подлабоки историски корени. Движењето против вакцините повремено успевало да мобилизира голем број следбеници и да доведе до отворени судири. За време на кампањата на вакцинација на почетокот на 20 век доаѓало и до вистински револуции - во Рио де Жанеиро во Бразил во 1904 година избила побуна под името „Револта да Васина“. Во имунизациите во колонијалните земји облиците на отпор против вакцините се претворале во крвопролевање. Најекстремно е отсекувањето на вакцинираните раце, какво што е забележано во 60-тите и 70-тите години во Лаос, Камбоџа и Виетнам.

Всушност, стравот од вакцината е стар колку и самата таа. Во една новинарска статија од 1807 година во Лондон, вакцината, која тогаш била воведена во лекарската пракса, во долгото набројување на противниците на вакцинацијата е опишувана како „моќно и ужасно чудовиште со рогови на бик, копита на коњ, вилица на морска аждаја, заби на тигар, кравји опаш и секое зло од Пандорината кутија“ кое се нафрлило на човештвото, а посебно на „несреќните новороденчиња на сиромасите“. Нејзиното влијание, со илустрација на препотопски ѕвер, тогаш бил опишувано „не со стотици ниту илјадници, туку со стотици илјади“ жртви кои би можела да ги однесе.

Вакцината, без никаков сомнеж, е изум кој спасил најмногу човечки животи откако човекот почнал да го истражува светот. Идејата од крајот на 18 век, до која дошол англискиот лекар Едвард Џенер (1749-1823), по откритието за микробите од страна на Луј Пастер (1882-1895) кон средината на 19 век, довела до модерната идеја за вакцина за превенција на болестите така што со внесување на безопасен агенс во телото (на пример, умртвен вирус), имунолошкиот систем однапред се обучува да ги препознае предизвикувачите на болеста. Тоа довело до искоренување на бројни смртоносни болести и продолжување на животот на човекот.

Меѓутоа, во секоја нова кампања на имунизација во тек на два века се формирал фронт помеѓу противниците и заговорниците за вакцината, кој долго бил испресечен со рововите од стариот судир меѓу европската буржоазија и работничката класа. Во 21 век таа војна се пресели на интернет и електронските медиуми, за со пандемијата на коронавирусот да добие планетарен карактер.

Откако Џенер неговиот метод на вакцинација го претставил пред Кралското друштво во Лондон (кој го нарекол вака според латинското име за крава), тој почнал нашироко да се користи во борбата против заразата со сипаници. Но, речиси веднаш се појавило и првото движење против вакцинацијата - списанијата објавувале карикатури на вакциниран човек кој се претвора во крава. На илустрацијата подолу е карикатура од 1802 година со име „Прекрасните ефекти на имунизацијата“, која по наредба на Друштвото за борба против вакцините ја нацртал британскиот карикатурист Џејмс Гилреј.

Фото: James Gillray – Library of Congress, Prints & Photographs Division – Wikimedia Commons

Откако британскиот парламент во 1840 година го изгласал законот со кој била воведена бесплатна имунизација како прв државен акт на оваа тема, отпорот дополнително се зголемил. Со законот за принудно вакцинирање на новороденчињата од 1853 година, отпорот станал организиран и се преселил на теренот на политичките борби. Имало жестоки нереди во неколку англиски градови, а до крајот на годината во Лондон била основана Лигата против вакцинацијата, во која се собрале противници на методите за лечење на Џенер.

По законот од 1867 година со кој обврската е проширена на деца до 14 години, создадена е нова, значително посилна организација - лига која имала цела програма, илјадници членови и свое списание за злото на вакцинацијата.

-Во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години од 19 век се појавиле голем број на текстови, книги и списанија против вакцината - велат американските лекари од Чикаго, Роберт Волф и Лиза Шарп во труод 2002 година.

Националната лига против вакцинацијата до 1885 година имала 100 илјади членови, а преку своите медиуми манипулирала со податоците, наведувајќи дури и дека вакцинацијата предизвикала смрт на 25.000 деца во текот на претпоследната деценија од 19 век. Ваквите друштва напоредно се појавувале во цела Европа, а подоцна и во САД. Познат е примерот од Шведска, поточно од Стокхолм, каде кампањата против вакцинацијата била толку интензивна што во 1874 година избила сериозна епидемија на вариола, која на крај го убедила населението во неопходноста од вакцинација.

Тоа, меѓу другото, е матрицата која ги следи сите такви движења - нападите на вакцината опаѓаат со растот на епидемијата и мнозинството од населението се вакцинира, со што се става крај на епидемијата.

Интересно е што стравот од вакцината е карактеризиран и со класна борба. Колку и да изгледал надминат, овој облик на социјален судир е мотор и на денешниот отпор кон вакцинацијата - тој лежи во распространетата претпоставка дека фармацевтските компании и посредниците во набавките на вакцините екстремно заработуваат на човековото здравје.

Противниците на вакцините во принудното внесување на „отров“ во телото долго време гледале екстремен пример на класно законодавство, со оглед на тоа дека законите за имунизација најмногу ги погаѓале децата на работничкото население.

-Движењето против вакцините дури и помогнало да се воспостави нов идентитет на работничка класа во кој се вклучиле и сите оние кои нарушувањето на своето тело го доживувале како облик на политичка тиранија - вели американската историчарка Надја Дурбак во нејзиниот труд „Отпорот кон задолжителното вакцинирање на работничката класа во Викторијанска Англија“.

Автор: Слободан Бубњевиќ
Извор: Nauka Kroz Price
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје