Скијањето по снежните падини, со свежиот зимски воздух на лицето и звукот на снегот што крцка под скиите, е уникатна активност. Освен што е забавна, оваа зимска спортска дисциплина е и одличен начин да го одржувате вашето тело во топ-форма.
Но, важно е да знаете дека ефектите од скијањето зависат од вашето ниво на вештина, интензитетот на активноста и теренот што го избирате.
- Алпското скијање е комбинација на издржливост и отпорност. Оваа активност има позитивно влијание врз срцето, циркулацијата и мускулите, особено нозете - вели д-р Јозеф Ниебауер, професор по спортска медицина и кардиологија од Универзитетот „Парацелсус“ во Салцбург, Австрија.
Неговите истражувања покажуваат дека скијањето нуди слични кардиоваскуларни придобивки како и возењето велосипед или веслањето. Секако, скијањето по длабок снег бара повеќе енергија и ја зголемува срцевата фреквенција повеќе од лесниот слалом на лесна ски-патека.
Но, тој вели дека сите видови алпско скијање нудат здравствени придобивки: подобрување на инсулинската резистенција, намалување на крвниот притисок и подобар метаболизам на глукозата.
- Покрај тоа, скијањето ги зајакнува срцето и крвните садови, а истражувањата потврдуваат дека помага и во намалување на крутоста на артериите, што е знак на нивно подмладување - вели д-р Ниебауер.

Фото: Freepik
Една од најголемите предности на скијањето е што природно функционира како интервален тренинг – се спуштате активно од 20 секунди до 15 минути, а потоа следува пауза додека се враќате нагоре со жичница. Овој начин на вежбање е еден од најпопуларните во фитнес-светот бидејќи ја подобрува физичката кондиција и го продолжува животниот век.
За разлика од многу други спортови, скијањето активира широк спектар на мускули, особено во долниот дел од телото. Покрај мускулите на бутовите, се зајакнуваат и малите стабилизатори околу колената и колковите, што ја подобрува стабилноста. Истражување од 2013 година објавено во „Журнал оф спортс сајнс енд медисин“ покажува дека скијањето е одличен тренинг за јакнење и координација на мускулите.
Освен физичките придобивки, скијањето носи и психолошки придобивки. Боровите шуми, снежните врвови и свежиот планински воздух го намалуваат стресот и го подобруваат расположението. Истражувањата покажуваат дека оваа активност има позитивно влијание врз менталното здравје, особено кај повозрасните лица.
- Скијањето е повеќе од спорт - носи многу позитивни ефекти врз благосостојбата на скијачите и квалитетот на животот. Истo така, истражувањата за постарите возрасни лица покажуваат дека скијањето го подобрува расположението - вели д-р Ниебауер.
Извор:
Atvbl.rs
Фото: Freepik