Ако сте изгледале барем еден натпревар од овогодишното Светско првенство во фудбал, сигурно сте забележале една работа - розовите копачки.
Веќе не е толку лесно, како порано, само според нив да препознаете за кој бренд станува збор. Некогаш дури и бојата на копачките беше доволна за веднаш да препознаете за кој фудбалер станува збор, а денес тоа е многу потешко.
Без разлика дали станува збор за „Најк“, „Адидас“, „Пума“ или „Њу баланс“, голема е веројатноста копачките да бидат во розова боја.
Зошто токму розова?
Одинга Нимако, еден од водечките луѓе во тимот на „Најк“ за фудбалски обувки, вели дека големата побарувачка за повпечатливи бои ја навела компанијата токму розовата да ја избере за Светското првенство.
- Она што постојано го слушаме од спортистите и клиентите, особено кога станува збор за големи настани, е дека впечатливите бои им влеваат самодоверба, а тоа беше нашата почетна точка. Размислувавме кои се најсветлите бои и кои најмногу го засилуваат чувството на самодоверба, а розовата е една од нив - вели Нимако.
Во слична насока е и објаснувањето од „Њу баланс“. Според директорот за развој на фудбалски производи, Роб Шелдон, розовата е дел од пошироко истражување за енергијата, видливоста и самодовербата на теренот.
Секако, станува збор и за тоа што розовата боја едноставно се истакнува на теренот. Таа уште повеќе доаѓа до израз бидејќи ниту една репрезентација на Светското првенство нема дресови во такви нијанси, иако резервниот дрес на Белгија е најблиску до нив.
Меѓутоа, кога речиси сите носат исто, тоа станува и помалку интересно. Ако розовата боја е она што го привлекува вниманието, тогаш станува помалку важно за кој бренд станува збор, бидејќи сè изгледа слично. Токму затоа повторно внимание привлекуваат оние што нема да носат розови копачки, како Меси или Роналдо.
Повеќето фудбалери, според своите спонзорски договори, се обврзани да носат вакви копачки. Но, тоа веројатно ќе трае само оваа сезона бидејќи по завршувањето на Светското првенство и почетокот на новата клупска сезона, брендовите веќе најавуваат нови бои.
Извор:
021.rs
Фото:
Instagram