Официјална американска ковачница „Ју-ес Минт“ воведе програма за производство на комеморативни монети од еден долар кои ги слават американските иноватори. Според оваа програма, секоја од сојузните држави може да предложи создавање на единствена монета која ќе биде посветена на иновација или иноватор од тоа поле. Според тоа, гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, го номинирал ликот на Стив Џобс, технолошки иноватор, претприемач, основач на „Епл“ и „Пиксар“, за новата калифорниска монета за „иновации“.
„Лулка на иновациите“
- Иновацијата и Калифорнија се синоними, а Стив Џобс ја сумира уникатноста на иновациите врз кои е изградена Калифорнија: иновација која не е само поттикната од бизнисот, туку како средство за да се промени светот засекогаш - истакнал Њусом во својот предлог, сакајќи да испрати порака дека неговата држава е лулка на технолошките иновации во светот.
Во објаснувањето се наведува дека Џобс бил визионер во повеќе индустрии и лансирал голем број значајни производи, како што се компјутерите на „Епл“ и „ајфон“, но го објавил и првиот целосно компјутерски анимиран филм - „Приказна за играчките“. Целта на сето ова било, според зборовите на Џобс, „да се премости јазот помеѓу софистицирана технологија и мнозинството од човештвото - да се направи сложената технологија едноставна и забавна за употреба“. Овој пристап, велат тие, доведе до тоа „ајпод“, „ајфон“ и „ајпад“ да бидат уреди кои ги редефинираа постојните технологии и ги направија попрецизни, интуитивни и функционални.
Пристапот на Џобс кон иновациите, она што им користи и ги поврзува луѓето, се заснова на желбата да се испробаат нови идеи и да се поместат границите на она што е можно - пристап што го отелотворува духот на Калифорнија, заклучил Њусом.
-Калифорнија има чувство за експериментирање и чувство за отвореност за тоа: отвореност и нови можности – што навистина не ги ценев додека не отидов на други места - истакнал еднаш Стив Џобс, цитат што совршено се вклопува со предлогот да се овековечи неговиот лик на паричката од еден долар.
По оваа номинација, дизајнот на монетата треба да биде одобрен од федералната влада, а потоа „Ју-ес Минт“ ќе започне со ковање на монетата во 2026 година.
Извор: bug.hr
Фото: Wikipedia