X
 24.06.2022 Наша тема

Д-р Моника Стојанова: Охридскиот див костен има анимикробно дејство посилно од некои антибиотици, а се истражува и неговото антиканцерогено дејство

Меѓународен тим на професори-истражувачи дојде до фасцинантни резултати за антиоксидантното дејство на дивиот охридски костен, како и антимикробното, кое може да биде посилно од некои антибиотици, а не создава резистентност

Дивите костени не се само украс на охридските улици. Тие се повеќе од декор зашто кријат големи лековити својства. Тим од универзитетските професори од Македонија, Србија и Турција спроведе научно истражување и дојде до фасцинантни резултати. Охридскиот див костен има антиоксидативен потенцијал и посилно in vitro антимикробно дејство дури и од некои антибиотици. Во тек се и истражувања за антиканцерогеното дејство на ова растение.

- Резултатите што ги добивме беа навистина фасцинантни, па охридскиот див костен, поради неговата вредност, го нарековме охридски дијамант - вели Моника Стојанова, доктор на науки во областа прехранбена технологија, чија потесна научна област е технолошка микробиологија.

Таа е чест посетител на Охрид и ужива во убавината на дивите костени кои го красат градот. Во Македонија, но и во регионот, сѐ уште нема научни истражувања од овој карактер, па доби идеја за анализа, прва во земјава, која утврди каков биолошки потенцијал има дивиот костен. Во тимот ѝ се приклучија и универзитетските професори Драгутин Ѓукиќ од Универзитетот во Крагуевац и Блажо Лалевиќ од Универзитетот во Белград - Србија, Азиз Шатана од Универзитетот Ерџиес - Турција и Марина Т. Стојанова од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Македонија.



Се борат против слободните радикали и бактериите

Анализите беа спроведени на листот и семето, од кои беа произведени екстракти во лабораториски услови и беше извршена нивна целосна хемиска и биолошка карактеризација.

- Најнапред со хемиска анализа се утврди дека во листот и во семето нема присуство на тешки метали кои навлегуваат преку различните полутанти во воздухот и почвата, што беше првиот доказ дека имаме безбеден производ. Во екстрактите утврдивме висока содржина на фенолни и флавоноидни соединенија. Екстрактот од семето даде многу подобри резултати од оној на листот. Утврдивме исклучително висок антиоксидациски потенцијал, компетитивен со некои синтетички антиоксиданси кои се користат во индустријата, како BHT, алфа-токоферол, лимонска киселина - посочува д-р Стојанова.

Антиоксидансите се многу значајни поради нивната способност да ги „фаќаат“ слободните радикали (токсични материи) кои ги има во човечкиот организам, со што вршат „прочистување“ на организмот. Исто така, тие се значајни и како конзерванси во прехранбената и во фармацевтската индустрија.

- Беше утврдено и силно антимикробно дејство на екстрактите од семето. За споредба, при испитуваните концентрации екстрактот даде подобри резултати против Staphylococcus aureus, Listeria monocytogenes и Escherichia coli споредено со антибиотикот хлорамфеникол. Ова е од посебно значење бидејќи претставува појдовна точка за разгледување на можностите за примена на овие екстракти и во фармацевтската индустрија, бидејќи поседуваат антимикробно дејство кое може да биде компетитивно со она на синтетските антибиотици, а од друга страна, се работи за природни компоненти кои не предизвикуваат резистентност - додава Стојанова.



Сепак, мора да се напомене дека тоа што некои од добиените резултати покажаа посилно антимикробно дејство од антибиотиците не значи дека може да се користат како лек, туку едноставно се отвораат нови можности за идни научни истражувања.

- Анализите сѐ уште траат, а во моментов се работи на in vitro утврдување на цитотоксичната (антиканцерогена) активност на екстрактот од охридскиот див костен, а исто така се пробуваат и други можности за добивање екстракти кои би ги содржеле само посакуваните компоненти од ова растение - додаваат од истражувачкиот тим.

Можна е примена во козметичката, фармацевтската и во прехранбената индустријата

Екстрактите од див костен би можеле да имаат широка примена во производството на различни видови кремови, масти или тинктури, а од аспект на прехранбената индустрија, би можеле да бидат одлична замена за синтетските адитиви што се користат, а за кои веќе научно се докажани нивните кумулативни штетни влијанија врз здравјето на консументите.

- Ова истражување не е финансирано, односно реализирано е од сопствени средства и со голема упорност како резултат на мојот огромен научноистражувачки ентузијазам и желбата преку научните достигнувања да се придонесе за афирмација, пред сѐ, на македонската наука, на македонските производи и на природниот потенцијал што го има нашата земја и кој треба да го презентираме во светски рамки - додава Стојанова.

Дел од добиените резултати се веќе публикувани во научноистражувачки труд под наслов „Antioxidant and Antimicrobial Potential of Wild Chestnut Ohrid Diamond Extract –An Opportunity for Creation of New Natural Products“ во реномираното германско списание Erwerbs-Obstbau преку издавачката куќа Springer.

Охридскиот див костен е посебен, другите го немаат неговото лековито дејство

Со истражувањето беа опфатени и диви костени од Скопскиот и Струмичкиот Регион. Но, тие не дадоа задоволителни резултати. Она што овој костен го прави посебен се поволните климатски услови, надморската висина, почвата и незагадената околина.



- Но, она што посебно мора да се истакне е дека плодот (семето) од дивиот костен не е јадлив бидејќи во својот состав, меѓу другото, содржи токсична компонента ескулин и нејзиното консумирање од страна на луѓето или животните може да се предизвика сериозни нарушувања и тегоби на гастроинтестиналниот тракт. Не се препорачува луѓето сами да го собираат дивиот костен и да го користат во свежа форма или сами да го преработуваат со варење, печење и слично, туку да ги користат препаратите од див костен кои се произведени под контролирани услови - додава Стојанова.

Неопходна е поголема заштита на стеблата со диви костени во Охрид
Новите сознанија и тоа како може да придонесат во туристичката афирмација на Охрид. Тоа што во овој град постои нешто што е уникатно и што го нема на друго место треба да се искористи најдобро што може за афирмација на природното богатство од овој реон.



Дивиот костен, познат како коњски костен, најчесто е самоникнато растение кое се сретнува низ парковите. Тој не е многу застапен на Балканот. Токму затоа, професорите сметаат дека ова е одлична можност за апел до надлежните институции, пред сѐ, во Охрид, да преземат соодветни мерки за заштита на постојните диви костени бидејќи за да се развие во целост, на еден див костен му се потребни околу 20 до 50 години.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема