X
 24.06.2025 Здравје

Неверојатна диета ја победува несоницата за само 24 часа

Јадењето овошје во препорачаните дневни количини може да предизвика „значајна промена“ во борбата против несоницата, и тоа за помалку од еден ден, покажува ново истражување.

Прекинувањето на сонот, постојаното будење или промените помеѓу длабок и лесен сон може да имаат долгорочни последици, вклучувајќи негативни ефекти врз здравјето на срцето, меморијата, учењето и регулирањето на расположението.

Истражувањата досега покажале дека лошиот сон може да доведе до нездрава исхрана, богата со масти и шеќери. Сепак, многу помалку се знае за тоа како самата исхрана влијае врз квалитетот на сонот, велат експертите од универзитетите Колумбија и Чикаго.

Најновото истражување, објавено во списанието „Слип хелт“, покажало дека преминувањето од начин на живот без овошје кон исхрана што вклучува пет чаши овошје дневно може значително да го подобри ноќниот сон.

Ова е првпат да се воспостави временска врска помеѓу изборот на храна во текот на денот и објективно измерениот квалитет на сонот во иста вечер.

- Неверојатно е што ваква значајна промена може да се забележи за помалку од 24 часа. Исхраната би можела да биде нов, природен и економичен начин за подобрување на сонот - вели д-р Есра Тасали, експерт за спиење и коавторка на истражувањето.

Во истражувањето учествувале здрави млади лица кои секојдневно ги пријавувале своите оброци преку апликација, а носеле и рачен монитор кој овозможувал објективно следење на нивниот сон.

Научниците особено се фокусирале на тоа колку често личноста се буди или преминува од длабок во лесен сон во текот на ноќта.

Тие откриле дека секојдневната исхрана е поврзана со значајни разлики во сонот наредната вечер. Луѓето што во текот на денот јаделе повеќе овошје и зеленчук имале подлабок и понепрекинат сон. Истото важело и за оние што консумирале поздрави извори на јаглехидрати, како што се интегралните житарици. И кај нив бил забележан поквалитетен сон.

Истражувачите процениле дека лицата што ги исполнуваат дневните препораки за консумација на пет чаши овошје и зеленчук може да искусат подобрување на квалитетот на сонот за дури 16 отсто во споредба со оние што не јадат воопшто.

- Разликата од 16 отсто е навистина значајна - вели д-р Тасали.

Научниците планираат да продолжат со истражувања врз пошироки групи луѓе за подобро да ги разберат механизмите преку кои овошјето и зеленчукот влијаат врз спиењето.

Извор: Independent.co.uk 
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје