X
 24.07.2022 Здравје

Бременост во време на пандемија на ковид-19

Тековно се прават истражувања за да се разбере влијанието што го има инфекцијата со ковид-19 врз бремените жени. Податоците засега се ограничени, меѓутоа, досега не постојат докази дека бремените жени се во поголем ризик да развијат потешка болест отколку генералната популација.

Сепак, поради промените што се случуваат во нивните тела и имунолошкиот систем, досега е познато дека бремените жени можат да развијат посериозна болест од останати инфекции на дишните патишта (други инфекции различни од ковид-19). Исто така, бремените жени кои истовремено имаат и други здравствени проблеми, особено тие со хронични заболувања на респираторниот систем, висок крвен притисок или дијабетес, имаат поголем ризик од ова заболување.
Поради сето тоа, важно е бремените жени да ги преземат сите потребни мерки за да се заштитат од инфекцијата со ковид-19, како и веднаш да се јават кај својот матичен лекар доколку имаат некои од симптомите (вклучувајќи треска, покачена телесна температура над 37,5 Целзиусови степени, сува кашлица и/или тешкотии при дишењето).

Бремените жени треба да ги преземат истите мерки за заштита од инфекција со ковид-19 како и другите луѓе.

Можете да се заштитите преку:
- Често миење на рацете, со вода и сапун, во траење од најмалку 20-30 секунди, согласно препораките за правилно миење на рацете.
- Да се одржува физичка дистанца од други луѓе, најмалку 1-2 метра, како и да се избегнуваат места каде што има многу луѓе.
- Да се избегнува допирање на очите, носот и устата.
- Да се практикува респираторна хигиена. Ова значи при кивање и кашлање, устата да се покрие со свитканиот лакт, или со хартиено марамче кое веднаш треба да се фрли во корпа за отпадоци.



Доколку кај бремената жена се појават симптоми како што се треска, покачена температура (над 37,5 Целзиусови степени), сува кашлица или отежнато дишење, веднаш треба да се јави телефонски кај својот матичен лекар и да го извести за здравствената состојба.

По консултацијата со матичниот лекар, доколку е потребно, жената може да биде упатена да направи тест за ковид-19. Доколку ги имаат горенаведените симптоми и доколку тоа го советува матичниот лекар, бремените жени треба да направат тест за ковид-19 бидејќи можно е да имаат потреба од посебно внимание и грижа.

Доколку тестот за ковид-19 е позитивен, бремената жена треба да остане во самоизолација во домот и веднаш да ги извести матичниот лекар и матичниот гинеколог, кои ќе ѝ дадат насоки за понатамошно постапување.

Сѐ уште не се знае со сигурност дали бремената жена може да го пренесе новиот коронавирус на нејзиниот плод или новороденото за време на бременоста или во текот на породувањето. Досега, новиот коронавирус не бил пронајден во примероци од плодовата вода или во мајчиното млеко.

Исто така, досега нема знаци дека ковид-19 ги зголемува ризиците од аномалии на плодот.
Во текот на оваа вонредна состојба и епидемијата на ковид-19, сите жени, вклучувајќи ги жените што се позитивни на ковид-19, имаат право на пристап до високо квалитетна здравствена заштита за време на бременоста (антенатална здравствена заштита), за време на породувањето (интрапартална здравствена заштита) и по породувањето (постпартална здравствена заштита).

Пред да одат на контрола за бременоста, пожелно е бремените жени да се јават кај својот гинеколог за да закажат термин, со цел да го избегнат метежот во чекалниците. Доколку жената има некои од симптомите или е тестирана позитивна за ковид-19, треба за тоа да го извести матичниот гинеколог за истиот да ги преземе сите потребни мерки за заштита на персоналот и на другите пациенти.

Кога бремените жени одат на контрола за бременоста, треба темелно да ги измијат рацете, во чекалницата во амбулантата треба да држат дистанца од другите лица најмалку 1-2 метри, а воедно и да ги измијат или дезинфикуваат рацете при напуштање на амбулантата. Доколку жената има некои од симптомите за ковид-19, треба да носи маска преку устата и носот.

Автор: д-р Емил Џидров, спец.гинеколог – акушер
ПЗУ Ембра – Штип

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје