X
 24.09.2019 Култура

Распродадени премиерата и првата реприза на „Бесачи“ на МНТ

Огромен интерес владее за претставата „Бесачи“ по текст на Мартин Мекдона, а во режија на Јавор Грдев, која ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот во Македонскиот народен театар.

Улогите ги толкуваат: Никола Ристановски, Кире Ѓоревски, Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски, Славиша Кајевски, Владо Јовановски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Александар Михајловски, Трајче Ѓоргиев, Нелко Нелковски.


Дарја Ризова (лево) и Камка Тоциновски

Асистент на режисерот е актерката Звездана Ангеловска, драматург е Дејан Дуковски, а преводот на текстот го направи Благоја Бошковски. Сценограф е Никола Тороманов, костимографијата е на Свила Величкова, композитор на музиката е Калин Николов и извршен продуцент на претставата е Симона Угриновска.
Претставата е наменета за публика над 18 години.

Мекдона е познат по неговите црни комедии кои се поставени во многу театри низ светот. „Сакатиот од Инишман“, „Поручникот од Инишмор“, „Човек перница“, „Убавицата од Линејн“, а за неколку од нив е и номиниран на престижните награди „Тони“ и „Лоренс Оливие“. Тој не е само драматург со одлична креативна моќ, туку е и етаблиран сценарист и режисер на филмовите: „Во Бриж“ и „Седум психопати“.


Ристановски, Микиќ и Кире Ѓорески во сцена од претставата

За бугарскиот режисер Јавор Грдев, ова е прва соработка со МНТ. Тој е еден од најзначајните бугарски и современи европски театарски режисери. Досега поставил повеќе од 35 театарски претстави во повеќе земји низ Европа и добитник е на повеќе од 45 награди.

- Основната причина што текстот „Бесачи“ го поставувам на сцената на МНТ е што театарот располага со актерски ансамбл кој е во состојба да понесе проект со таква тежина. Уште од 2015 година ја имам предвид оваа пиеса и трагав по соодветно место и ансамбл каде што ќе ги имам сите можности за поставување таков голем проект. Друга, многу важна, мотивација за поставување на овој текст е неговата тема. Пиесата се занимава со тема која привидно веќе е решена и во Македонија и во Бугарија, а и во многу други држави. Станува збор за смртната казна, но Мекдона почнал да се занимава со темата откако таа веќе била излезена од фокусот на јавноста. Причината за тоа е што тој верува дека покрај укинувањето на смртната казна, сепак, човечките инстинкти и импулси за насилство продолжуваат да го водат и да го владеат човековиот дух. Во таа смисла, ние секојдневно во нашето општество сме сведоци на акти на насилство на еден човек кон друг и како такви тие многу добро се опишани во пиесата - објаснува режисерот Грдев.

Следните изведби се на 8 и 9 октомври.
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура