X
 24.09.2026 Живот

Студентски проект: „Колку чини“ - платформа за реални трошоци во Македонија

„Колку чини“ е македонска веб-платформа создадена од студентот Павел Палазов со една цел - на едно место да може лесно да се провери колку реално чинат работите што се дел од секојдневниот живот во Македонија.

- Идејата за платформата произлезе токму од проблем со кој често се соочуваат младите и воедно многу луѓе кај нас. Кога некој сака да дознае колку пари му се потребни за самостоен живот, колкави се месечните трошоци, колку чини кирија, храна, автомобил, сметки или други секојдневни потреби, информациите најчесто се расфрлани на различни страници или воопшто не се лесно достапни. Често одговорот се бара преку„Гугл“, форуми, социјални мрежи или преку прашување пријатели и семејство - вели Павел.

Целта на „Колку чини“ е тие информации да бидат собрани, организирани и прикажани на едноставен и разбирлив начин.
Платформата е развиена како независен веб-проект. Покрај самиот дизајн, изработени се повеќе системи кои ги организираат податоците, калкулаторите, водичите и изворите од кои доаѓаат информациите.



На страницата може да се најдат податоци и калкулатори поврзани со трошоци за домување, храна, комуналии, транспорт, автомобил, телекомуникации и други секојдневни категории. Покрај нив, платформата има и голем број водичи кои даваат директни одговори на конкретни прашања од типот „Колку чини кирија?“, „Колку чини млеко?“, „Колку чини регистрација на автомобил?“ и слично.

- При изработката посебно внимание е посветено на изворите и свежината на податоците. Кога е можно, се користат официјални институции, компании, продавници и други јавно достапни извори. Системот следи и кога одредена информација последен пат била проверена, со цел посетителите да можат подобро да разберат колку е актуелен податокот што го гледаат - објаснува Павел.

Платформата постојано се надградува врз основа на нови податоци и на тоа што им е најкорисно на посетителите.

Како може да им помогне на младите?

Една од главните цели на платформата е да им помогне на младите подобро да ја разберат финансиската страна на самостојниот живот. За студент или млад човек кој првпат размислува да живее сам, прашањето не е само колкава ќе биде киријата. Потребно е да се земат предвид и храна, струја, вода, интернет, телефон, превоз, излегување и многу други помали трошоци кои на крајот создаваат значителна месечна сума.

Со „Колку чини“ корисникот може полесно да создаде реална претстава за тие трошоци и подобро да го планира својот буџет.
Платформата може да биде корисна и за средношколци и студенти кои планираат да се преселат во друг град, млади кои ја добиваат својата прва работа, парови кои планираат заеднички живот, како и за секој што сака подобро да ги организира личните финансии.



Наместо корисникот да добие само една бројка, идејата е да може да види од што се состои трошокот и сам да направи пресметка според својот начин на живот.

-  „Колку чини“ се развива со идејата дека добрата финансиска одлука започнува со добра информација. Токму затоа и главната порака на платформата е: ,,Провери, пресметај, планирај - вели Павел.

Платформата е достапна на овој ЛИНК

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот