X
 24.10.2025 Живот

Италија воведува божиќен воз што ќе ги поврзува најубавите божиќни базари во Европа - секој патник добива и подарок

Осмислен за да ја долови магијата на празничниот период, божиќниот воз „Еспресо Монако“ ветува магично патување низ некои од најживописните европски предели.

Мирисот на варено вино и цимет, звукот на божиќните песни, снегот, светилките во најразлични бои, шармантните дрвени куќички на кои се продаваат домашни колбаси, медењаци и уникатни ракотворби - sо нетрпение ги очекуваме празниците и бајковитата атмосфера на божиќните базари!

Зошто да не се искористи тоа време и за патување? Италија овие денови најави дека во декември ќе пушти во сообраќај специјален ноќен божиќен воз, кој ќе ја поврзува нивната величествена престолнина Рим со Минхен и неговите легендарни божиќни саеми.


Тематски декорирани кабини, бар и ресторан

Создаден за да ја пренесе празничната магија, новиот воз наречен „Еспресо Монако“ им ветува на патниците фасцинантно патување низ најживописните предели на Европа. Магично возење низ моќните Алпи, ноќевање во луксузни кабини украсени во божиќен дух, дружење со други туристи во тематски бар или ресторан, звучи совршено.

Возот ќе тргнува од Рим и ќе патува до Минхен, со поаѓања на 5 и 12 декември. Тргнувањето е во 19:57 часот, а пристигнувањето во Минхен е следниот ден точно во 13:00 часот.

За сите што сакаат да избегнат стрес, редици на аеродромите или возење по мрак во зимски услови, ова е совршена можност што не треба да се пропушти!

„Еспресо Монако“ нуди 17-часовно ноќно патување низ најубавите региони на Италија, Австрија и Германија, со запирања во Верона, Тренто, Болцано, Бресаноне и Фортеца.


Божиќна атмосфера со музика и мали подароци

Патувањето продолжува низ алпските предели на Инсбрук, Куфштајн и планинскиот премин Бренер, нудејќи поглед кон снежните врвови и идиличните села. Секој патник ќе биде пречекан со мал празничен подарок покрај седиштето, а сите кабини ќе бидат богато украсени со божиќни декорации. Веселата атмосфера ќе ја збогати и празнична музика што ќе се слуша низ целиот воз.

Без разлика дали ќе изберете приватна еднокреветна или двокреветна кабина, или семејна кабина за до шест патници, загарантирано е незаборавно искуство. По пристигнувањето во Минхен ве очекуваат култните божиќни базари кои се едни од најпосетуваните во Европа.

Возот за враќање во Рим тргнува на 7 и 14 декември во 13:40 часот, а пристигнувањето во италијанската престолнина е рано следното утро.

Оваа нова железничка услуга е дел од пошироката иницијатива на Италија за промовирање на патувањето со воз како поодржлива и поудобна алтернатива на авионите и автомобилите.

Сите информации за оваа празнична железничка авантура може да се најдат на официјалната веб-страница ТУКА.

Извор: Putnikofer.hr 
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот