X
 24.11.2017 Култура

Патеката на животот


Колумна на Викторија Митевска

Кога зборувам за животот, мислам на една долга патека, со многу подеми и падови. Патека со многу стрмнини и угорнини која само најхрабрите успеваат да ја изодат докрај. Еднонасочна и двонасочна, за секого различно во зависност од изборот што го направил и за каде се насочил (или го насочиле).

Тешки времиња да се зборува за животот. А и нели е чудно некој да размислува за животот? Што е животот? Што ни нуди? Тоа се многу прашања за една работа, но сепак ќе кажам дека секој различно би одговорил на нив. Така е, секој живее поинаку, секој ги сфаќа и доживува нештата поинаку, па дури и секое општество има сопствен механизам како влијае на овој ,,феномен“. Некој ужива во благодатите што ги нуди животот, додека друг само гори однатре во душата, копнее полека и тивко.

Види ги, сите си одат по својата патека – како што умеат, секој на свој начин. Но дали е навистина така? Мора да бидеме реални и свесно да прифатиме дека не секогаш од нас зависи како ќе ја насочиме сопствената патека, неретко тоа го прават општеството и целокупниот систем.

Мора да е прекрасно чувството да се разбудиш наутро, да го отвориш прозорецот со насмевка на лицето и убава мисла – само затоа што е нов ден. Да, нов ден – нов почеток. А колку ли само е неверојатно и незаменливо чувството кога правиш и некој друг да ја почувствува таа среќа, да се буди и заспива спокојно – лицето да му зрачи од радост.

Всушност, тоа е живот каков што секој посакува. Совршенство. Спокојно и безгрижно да ги поминуваш дните, да лебдиш од љубов, душата да ти биде исполнета и секое утро будно да го дочекуваш изгревањето на сонцето.

Но, сè што е убаво брзо згаснува, го снемува со брзина на светлината. Згаснува и совршенството. Еден ден мислиме дека ги поседуваме сите убавини што може да ни ги пружи животот, додека веќе наредниот ден ја согледуваме заблудата. Наеднаш доаѓа бран од грижи, проблеми, предизвици, нерешливи загатки, скриени тајни и тешки денови за нас, за нашиот опстанок воопшто.

Тоа е таа друга страна на животот – суровоста. И ете, тоа е всушност и одговор на прашањето што многумина го поставуваат, за тоа каде заминуваат благодатите и убавините на кои сме навикнати.

Да се живее вистински животот, значи да се ужива во секоја сласт и задоволство, да се твори и реализира секоја замисла и идеја (дури и најлудата), храбро да се чекори до крајот на патеката – до грстот светлина.

А после секој исцрпувачки обид, одново продолжува патот, повторно и повторно.

И конечно, на крајот од патот се ужива во секој миг, во секое ново утро, во животот.

Автор: Викторија Митевска

Викторија Митевска е магистер по правни науки од областа на граѓанското материјално право. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Желбата за пишувањето ја има од најмала возраст. И денес слободното време го користи за пишување или читање добра книга. Најмногу сака да пишува поезија, кратки раскази и колумни. Нејзиното мото е дека само преку зборовите може да ги изразиме нашиот став и мислење, како и сето она што го чувствуваме во срцето.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура