X
 25.06.2020 Култура

„Пријателот ти е роднина кој самиот си го избираш!“ На денешен ден е роден Петре М. Андреевски

На денешен ден, 25 јуни 1934 година, е роден македонскиот поет, романописец, раскажувач и драмски автор Петре Мито Андреевски.

Андреевски се вбројува меѓу најдаровитите и најпопуларните македонски поети и раскажувачи, а неговото творештво е разновидно и опфаќа романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Еден од неговите најпознати романи е „Пиреј“, кој македонската критика го прогласи за ремек-дело на македонската современа проза, додека збирката „Дениција“ се смета за химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам.

Денес го славиме неговиот 86. роденден, па во продолжение се потсетуваме на најголемите и најубави мудрости од неговите дела.

- Само убавината не може да се заобиколи. А не можеш да ја заобиколиш зашто не можеш без неа. Па, дури и кога ќе те напушти. Ја носиш со себе и кога не сакаш. И којзнае на која страна да ги отераш мислите, тие пак ќе се вратат кај неа и до неа ќе застанат.

- Никаде да не одиш со грд човек. Со грд човек секаде ќе ти биде грда работата. Ќе си земеш некој убав човек со голема сенка и насекаде свртен. Од која страна да го погледнеш, оттаму да му се гледа лицето. На сите страни да има лице. И тој не мора ништо да зборува, ами остави го само до тебе да стои. Покрај убавиот човек и ти ќе бидеш поубав. Оти се рекло: убавината секогаш изгледа невино иако најмногу гревови носи… Само убавината прави пазар.

цитати

- Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.

- Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство.

- Пријателот ти е роднина кој самиот си го избираш.

- Сега дури сфаќам дека и среќата и несреќата ги разбираме откако ќе нема со кого да ги делиме.

- Останало животворната вистина да ја откриеме откако ќе сфатиме дека не можеме да живееме оддалечени од некого, без кого не можеме.

- Кога ја љубев Дениција, како да калемев светлина на мракот, како да топев снегови фатени во движење, како да станував единствен сведок за бакнежот меѓу металот и громот.

- Многупати ми доаѓа да ги затворам очите, така одненадеж, од добростоење ќе ми дојде да ги затворам очите. И, згора на тоа, ми иде и да се покријам преку глава и, така насамо, одново да се гледаме со смртта која честопати ми стоеше понаблиску од животот. Кога ја видов првпат во нејзината прва форма, во нејзиното престорување и присторување? Не знам точно да си одговорам, но барем имам право да поставувам прашања.

- Стравот е страшен само за оние што му се плашат.

- А колку би било поинаку кога болката би ја чувствувал и оној што ја предизвикува.

- За држава треба цар, даскали, доктори, писари, а ти имаш само болви и болвосерки. Македонија е само едно големо буниште.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура