X
 25.10.2022 Наша тема

Анкица Спасова, најдобар наставник од предметна настава: „Учениците да ги почитуваме како рамни на себе“

Колку учениците ќе ја сакаат математиката и колку ќе ја применуваат во својот живот, зависи од наставникот по математика и од неговата почит кон нив. За наставничката по математика Анкица Спасова, која од Сојузот на просветни работници беше прогласена за просветен работник на годината за 2021/2022 за трудот и достигнувањата во полето на предметната настава, ова е основата на односот наставник- ученик.

Анкица Спасова работи како предметен наставник по математика во основно училиште, од шесто до деветто одделение. Има 21 година работно искуство во образованието, од кои дел во ООУ „Кирил и Методиј“, Гази Баба - Скопје (15 години) и дел во ООУ „Тихомир Милошевски“, Ѓорче Петров - Скопје каде што сѐ уште предава.

- Јас ја имав честа да бидам прогласена за просветен работник на Македонија за учебната 2021/2022 година за предметна настава и таа награда ми е многу драга (како и наградата за просветен работник на град Скопје за 2020/2021) бидејќи за да се добие наградата, наставникот треба да има најмалку 15 години работен стаж и може да се добие само еднаш во работниот век. Притоа, има критериуми по кои се бодираат постигнувањата од сите аспекти на работата на еден просветен работник: воспитно–образовната дејност, ученички натпревари во знаење и освоени награди, проектни активности, едукативни семинари, учество во изработување учебници, книги, прирачници, стручни прилози во стручниот печат - истакна наставничката.



За Спасова, наградите не се притисок, туку мотив за постигнување повисоки резултати на личен професионален план, но и со учениците.

- Наградите имаат голема вредност и се навистина многу драги доколку човек ја сака професијата што ја работи и цело време максимално се вложува во неа. Притисок и тежина не, повеќе би рекла мотив за постигнување повисоки резултати и со учениците и на личен професионален план. Тие се, всушност, патоказ кој ни покажува дека сме на вистинскиот пат. Наградите од учениците и од фелата не можат да се одвојат во очите и душата на еден прав наставник. Тие се тесно испреплетени и причинско-последователно поврзани. Нешто слично како формативно и сумативно оценување на јазикот на наставниците. Доколку во текот на работата континуирано се присутни награди од учениците, неизбежно е дека тие ќе бидат забележани и вреднувани од страна на фелата - коментира Спасова.

За математиката отсекогаш постоел стереотипот дека ја учиме колку да знаеме да множиме и делиме, а другото не ни е потребно во секојдневието. Спасова е еден од наставниците што успеале да го разбијат стереотипот за примената на математиката и да ги натераат учениците да мислат креативно на часот по навидум „досадната“ математика.

- Колку учениците ќе ја сакаат математиката и на кој начин ќе ја применуваат во својот живот, зависи од нивниот наставник по математика. Наставникот прво треба да го негира стереотипот за наставниците по математика, а со самото тоа ќе се негира и веќе постојниот стереотип за математиката и нејзината примена. Наставникот треба да ги почитува своите ученици како личности рамни на себе со кои заеднички ќе работи и ќе освојува нови знаења. Учениците треба да се слободни, да немаат страв и дури тогаш нивната креативност и можности доаѓаат до израз. Се трудам на моите ученици секојдневно да им бидам пример за чесна, одговорна и професионална наставничка. Тоа е првиот чекор што го правам со секоја генерација и го одржувам постојано, бидејќи тоа е основата на односот наставник-ученик, со што во голема мера се овозможува тие да го засакаат предметот математика и тој да им е еден од омилените - истакна наградената наставничка.



Вклучувањето на учениците во „несекојдневни“ проекти и пронаоѓањето на математиката во сѐ што нѐ опкружува, особено поврзано со технологиите кои младите секојдневно ги користат, ја прави математиката интересна и буди интерес кај учениците. Анкица е особено горда што на ваков начин ги вклучила своите ученици во неколку проекти, а тие пак во екот на пандемијата ѝ донеле награда за најкреативен наставник во Месецот на среќно учење од ЕДУБалкан заедницата на наставници, родители и ученици.

- Тоа ми е драга награда бидејќи за секоја математичка содржина изработувавме костими и маски со кои прикажувавме што учиме. Учениците беа пресреќни, но и многу активни во текот на целиот месец. Секако, овде би го споменала изборот за ЕДУБАЛКАН наставник-амбасадор, на кој исто така сум многу горда. Учествуваме и во меѓународни екопроекти кои ги спроведуваме со пораки на знаци изработени во математички форми. Изработуваме новогодишни математички честитки и многу други активности во кои учествуваат учениците од сите одделенија. Буквално насекаде ја применуваме математиката. Минатата година освоивме прво место на регионален и второ место на државен натпревар за применета математика, како и прво место на регионален натпревар за применета физика. Овде би ја нагласила и позитивната страна на онлајн наставата каде што учениците се оспособија да користат голем број математички компјутерски пакети, во кои самите правеа симулации, конструкции, анимации и постигнаа многу поголеми резултати кои не би можеле да ги постигнеме без компјутерите - раскажа наставничката Спасова.



Нејзините ученици секоја година учествуваат на натпревари и вели дека се амбасадори на ООУ „Тихомир Милошевски“ и Општината Ѓорче Петров на регионално, државно и на меѓународно ниво. Меѓу наградите што ги добиле се први места на општински, регионални и државни натпревари, први места во Кенгур во сите училишни години, бронзени медали на Јуниорска математичка македонска олимпијада, JMMO, на Иранската геометриска олимпијада, ИГО, на Европскиот куп по математика, ЕМС, на Јуниорската математичка олимпијада Балкан, JBMO и златни, сребрени и бронзени медали на Меѓународниот натпревар Математики без граници од учебната 2016/2017 досега.

- Нашите ученици што учествуваат на меѓународни натпревари и олимпијади се навистина талентирани, вредни и неуморни. Сите ние треба да им оддадеме големо признание за високите резултати што ги постигнуваат, рамо до рамо со најдобрите математичари од цел свет. Мој ученик што би го издвоила овде е Блаже Суклевски, за чиј резултати знае целата наша држава и со кого работата беше вистинско задоволство - истакна Спасова.




Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема