X
 11.06.2025 Наша тема

„Секогаш се трудам да го побијам стереотипот за наставниците по математика и нејзината примена“, вели Анкица Спасова - добитник на наградата „Најдобар учител на регионот“

Анкица Спасова е добитник на наградата „Најдобар учител на регионот“, која ја доделува Асоцијацијата на најдобрите наставници и лидери од регионот. 

Оваа Асоцијација собира просветни работници, наставници и професори од шест земји од просторот на поранешна СФРЈ со цел преку меѓусебна соработка и поддршка да се подобри образованието во регионот. Здружението е основано во 2018 година од финалистите на престижната Глобална награда за наставници, Жељана Радојичиќ Лукиќ од Србија и Весела Богдановиќ од Северна Македонија. Инспирирани од нивното меѓународно искуство, тие решија да ги обединат образовните професионалци од Балканот и да создадат мрежа која ги промовира вредностите на извонредност, иновативност и чесност во образованието. Наградата „Најдобар наставник во регионот“ се заснова на јасно дефинирани критериуми, автентични и сосема различни од која било друга национална или глобална награда за наставници. Кандидатите се пријавуваат самоиницијативно, пополнуваат прашалник за нивната работа и поднесуваат придружна документација. Има вкупно 27 критериуми, а во потесниот избор влегуваат кандидатите кои исполнуваат најмалку 15.

Во осмата генерација беа избрани 20 финалисти, кои беа поканети да учествуваат на регионалната конференција „Светот на образованието ги брише границите“ што се одржа од 1 до 4 мај 2025 година во Охрид. За време на конференцијата, покрај професионалните презентации и работилници, беше спроведен и дополнителен вид селекција - таканаречената „тивка процена со присуство“, која се спроведува преку директно учество на кандидатот, професионална комуникација, соработка и севкупен ангажман за време на настанот.

Врз основа на комбинираната процена на документацијата и увидот во работата за време на конференцијата, стручниот тим на Асоцијацијата оваа година им додели признание на десет истакнати наставници од регионот, меѓу кои е м-р Анкица Спасова, професор по математика од Скопје. Таа е автор на објавени истражувачки трудови и предавач на научни конференции. Активно учествува во меѓународни образовни екопроекти. Носител е на многу награди за истакнат наставник инспирирајќи ученици и колеги кон високи достигнувања.



- Ја имав честа да бидам прогласена за најдобар наставник во регионот на осмата конференција „Светот на образованието ги брише границите“ и таа награда ми е многу драга, бидејќи за да се добие, наставникот треба да исполни одредени критериуми по кои се бодираат постигнувањата од сите аспекти на работата на еден просветен работник. Вреднувањето и споредбата на нашите квалитети како наставници се вршат на ниво на шест држави и затоа оваа признание е навистина посебно и има голема вредност.
Наградите имаат голема вредност и се навистина многу драги доколку човек ја сака професијата што ја работи и цело време максимално се вложува во неа. Оваа награда е поголема, но притисокот и тежината - не, поголем е поттикот за постигнување повисоки резултати и со учениците и на личен професионален план. За мене, ова признание е патоказ кој ми покажува дека сум на вистинскиот пат - истакна Спасова за Факултети.мк.

На конференцијата наставничката Спасова била мотивациски говорник на темата „Семе на чесноста-зборовите имаат моќ“ заедно со три колешки од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а била автор и реализатор на креативна работилница „Математиката и биологијата во дијалог“ и учесник со изработки на нејзини ученици на Саемот за образование за финансиска писменост во рамките на Здружението на просветни работници на град Скопје.

Наградата се доделува „за ентузијазам, креативност, инспирација и мотивација“, а пренесувањето на овие компоненти кај учениците зависи токму од трудот на наставникот.

- Кога станува збор за нашите ученици, колку и како ќе ги развиеме овие компоненти, зависи од нас самите како наставници. Јас лично како наставник по математика секогаш се трудам да го негирам стереотипот за наставниците по математика, а со самото тоа веќе постојниот стереотип за математиката и нејзината примена. Кон моите ученици се однесувам како кон личности рамни на себе со кои заеднички работиме и освојуваме нови знаења. Учениците треба да се слободни, да немаат страв и дури тогаш нивната креативност и можности доаѓаат до израз. Како наставник се занимавам со истражувања кои се поврзани со наставата и својата работа ја подобрувам благодарение на евалуацијата од учениците и родителите со кои работам. Резултатите од сите истражувања се преточени во наставно-научни трудови кои ги презентирам на државни и меѓународни конференции и конгреси. Заклучоците и препораките од нив ги применувам со моите ученици градејќи го ентузијазмот, и мојот како наставник и на моите ученици - објаснува Спасова.



Во текот на пандемијата Спасова ја доби наградата за најкреативен наставник во Месецот на среќно учење од ЕДУБАЛКАН заедницата на наставници, родители и ученици.

- За секоја математичка содржина изработувавме костими и маски со кои прикажувавме што учиме. Учениците беа пресреќни, но и многу активни и мотивирани за работа во текот на целиот месец. Учествуваме и во меѓународни екопроекти и многу други активности во кои учествуваат учениците од сите одделенија. Буквално ја применуваме математиката насекаде. Учествуваме на натпревари од општинско до меѓународно ниво и освојуваме награди кои се поттик за сите ученици да учат и да напредуваат. На 27 јуни заминуваме на финалниот меѓународен натпревар Математика без граници, на кој се пласиравме по спроведени три селекциони круга. Но пак ќе речам, мора наставникот да учи и да се надградува за да може тоа да им го пренесе на своите ученици - потенцира наградената наставничка.

Сите работи што ги спомена погоре, наставничката се труди да ги примени во наставниот процес заедно со постојан педагошко-стручен пристап и комуникативност.

- Со други зборови, часовите се забавни, креативни, се почитуваме и секој има слобода да го каже своето мислење и да нема страв да погреши. Пресреќна сум кога ќе дојдат на час и ќе речат: „Наставничке, еден од најомилените часови ни е математика“, а истото тоа знае да се случи и со децата кои се со посебни образовни потреби и кои исто така уживаат на часовите по математика. Нивните соученици и јас секогаш ги организираме просторот и времето за тие да напредуваат што е можно повеќе, ги поддржуваме и заеднички се радуваме на секој нивен успех, кој многу често е награден и со аплаузи и нивните изработки се истакнуваат во кабинетот на највидното катче - открива Спасова.

Вели дека нашиот образовен систем има позитивни страни, но и страни на кои треба да се работи и кои треба да се зајакнуваат.

- Овде би издвоила нешто што лично јас го гледам како една појдовна основа за квалитетно образование, а тоа е оптимален број на ученици во паралелка, современите наставни средства и помагала во секое училиште да бидат на исто ниво и да се унапредуваат, како и самите просторни услови и капацитети во училиштата. Секако, моја препорака би била потребата (или не) за секоја промена да биде поткрепена со мислењето на наставниците преку опширни евалуации со анкети и соодветна обработка на тие податоци - заклучи Спасова.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема