X
 26.05.2025 Живот

Околу светот за еден ден: Откријте ја најдобрата зоолошка градина во Европа

Во Белгија, на приближно 50 километри од Брисел, во провинцијата Хаинаут, се наоѓа најдобрата зоолошка градина во Европа - Паири Даиза. Но, таа е многу повеќе од зоолошка градина. На староперсиски јазик, „паири-даеза“ значи „затворена градина“ или „рај“. И навистина е како парче рај, не само за 7.500 животни, туку и за посетителите кои можат да патуваат низ светот за само еден ден.

Отворена во 1994 година како сосема поинаква зоолошка, ботаничка и културна градина, денес е една од најголемите туристички атракции во Белгија, но ниту титулата за најдобра европска зоолошка градина, ниту трите ѕвезди во „Зелениот водич на Мишелин“, ниту наградата за „најдобар нов хотелски концепт“ не зборуваат доволно за ова посебно место, кое не само што ги покажува убавината и разновидноста на нашата планета, туку покажува и дека хармонијата меѓу човекот и природата е можна.

„Паири Даиза“ е поделена на 9 чудесни света населени не само со животни, туку и со автентични растенија, а човечкиот свет е присутен преку архитектура, поезија и духовни практики од различни делови на светот. Средното Кралство е инспирирано од Кина, Земјата Ганеша е посветена на Југоисточна Азија, Земјата на Студеното е населена со животни од ледени региони, Земјата на Потеклото е инспирирана од Африка, Јужниот 'Рт од Австралија, Камброн покрај Морето претставува водни животни и крие подводен лавиринт, Последната граница е инспирирана од дивината на Алјаска и Канада, Островите на Изгрејсонцето се вистински јапонски градини, а Камбронската опатија е историското срце на „Паири Даиза“, со неокласичен замок и градини под кои има воден лавиринт.


Почнувајќи од оваа година, „Паири Даиза“ ќе ги води посетителите на патување во праисторијата со реконструкции на изумрени животни, а посебна атракција е „Вулкан“, скелет на апатосаурус стар 150 милиони години и долг 21 метар, откриен во Вајоминг во 2018 година. Од живите животни, вреди да се истакнат неколку загрозени видови кои добиваат најдобра грижа тука, а зоолошката е и дом на најголемото стадо слонови во Европа.

Паркот организира и водени тури, сезонски настани, фестивали, едукативни работилници и уметнички претстави, а гастрономската понуда ќе го задоволи сечиј вкус и ќе ги надмине сите очекувања - всушност, тука има и вистинска традиционална белгиска микропиварница. Паркот го слави белгиското наследство со тематски содржини околу средновековните згради покрај кои е создаден, а е горд и на својата колекција од парни возови и - особено - храмови. Балискиот храм во „Паири Даиза“ е најголем од ваков вид надвор од Индонезија.


Можете да преноќите во „Паири Даиза“ – во кампер доколку имате, што е вклучено во паркинг-цената од 1 евро, но можете да си дозволите и уникатно искуство да спиете со диви животни. Овој луксузен концепт за сместување им нуди на гостите поглед на светот на дивите животни и неговите жители од нивните соби - поларни мечки, моржови, пингвини, сибирски тигри... Цената на ноќевање на база на полупансион (со вклучена влезница за посета на паркот) започнува од 139 евра па нагоре. Цената на дневна карта за деца се движи помеѓу 37 и 42 евра, а за возрасни од 43 до 48 евра.

Сепак, примарната цел на „Паири Даиза“ и Фондацијата е да промовираат почит и љубов кон сите форми на живот на нашата планета.


Веројатно нема да ве изненади фактот дека паркот е целосно самоодржлив во однос на енергијата, а вишокот енергија го враќа во мрежата, додека има и постројка за третман на отпадни води. Секако, можете да полните и електрични автомобили на паркингот.

Извор: punkufer.dnevnik.hr

Фото: Instagram

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот