X
 26.06.2019 Образование

Прва практична Data Science Академија во Скопје! Уписите се во тек во Data Masters

Програмата ќе почне да се реализира од 2 октомври и ќе трае осум месеци, а ќе биде интензивна и поделена на два дела, теоретски и практичен

По успешното завршување на првиот бран обуки за Основи во Data Science и моделирање податоци и бизнис-интелигенција, Data Masters Academy ја воведува првата практична Data Science Академија во Скопје, наменета за сите што сакаат да сменат професија или да се специјализираат во машинско учење и на тој начин да навлезат во Data Science светот.


Првите обуки успешно завршени

Програмата ќе почне да се реализира од 2 октомври и трае осум месеци, а ќе биде интензивна и поделена на два дела, теоретски и практичен. Првиот дел трае шест месеци и ќе биде составен од теорија и вежби, а финалниот, двомесечен период е фаза во која сите слушатели ќе имаат можност да ги направат првите самостојни чекори во оваа област и комплетно да завршат проект под менторство на предавачите на Data Masters. Уписите се во тек, а наставата ќе се одвива во едукативниот центар на „Data masters“.



Минатата недела на официјалниот настан за вмрежување (networking) сите 47 студенти од првите обуки имаа можност да се запознаат меѓу себе, да разменат искуства од обуката и да ги добијат своите дипломи. Филип Петровски, основачот на Data Masters, на настанот ги презентира плановите на компанијата и им се заблагодари на сите присутни за поддршката и довербата што ја дадоа со тоа што беа слушатели на првиот бран обуки.

- Улогата на „Data Masters“ е со обуки и академии да даде свој придонес во развивањето на областа во Македонија и да овозможи пренос на искуства кои нашиот тим секојдневно ги стекнува на најразлични проекти низ светот на сите оние што се заинтересирани да инвестираат повеќе во својата кариера и да научат вештини кои допрва ќе бидат барани во Македонија. Нашата цел е креирање на една заедница каде што сите вие ќе можете да комуницирате помеѓу себе, да споделувате знаење, искуства и проекти и така да продолжите да се развивате во областа - сподели Петровски во дел од неговиот говор пред учесниците. Дополнително, на настанот беше најавена и првата практична Data Science академија фокусирана на машинското учење, каде што ќе се учи програмскиот јазик Python и фокусот ќе биде ставен на главната математичка, статистичка и бизнис-заднина на моделите за предвидување што се користат при една предиктивна анализа.



Најавени се неколку македонски и странски гостински предавачи кои имаат големо интернационално академско и консултантско искуство во областа.

Главен предавач на Aкадемијата ќе биде Мартина Наумовска, која е магистер по вештачка интелигенција со петгодишно практично искуство како Data Scientist. Таа вели дека по долги академски и професионални години искуство во полето, дошле до идеалната програма, спој на најдоброто од она што тие го посетувале и праксата што ја стекнале низ годините.



- Академското и практичното искуство кое стои зад тимот на Data masters нѐ научи дека, пред сѐ, доколку сакаме да го пренесеме знаењето што го имаме, истото мораме да го пренесеме преку фокусирана и практична програма која на слушателите ќе им даде дозирано знаење кое ќе можат да го разберат и да го искористат за креирање на кариера во Data Science. Најдобрите Data Science експерти во оваа област и оние што заработуваат најмногу не се луѓе кои знаат сѐ, и ексел и бази и бизнис-интелигенција, туку се оние што го имаат вистинскиот спој на искуство и знаење од ИТ, математика и познавање на бизнис-проблемите кои може да се решат со користење на машинско учење – вели Наумовска.
Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование