X
 26.07.2022 Наша тема

Сретен Главинчески е најдобар по македонски на државната матура, а сака да студира на ФИНКИ

Сретен Главинчески од Струга, кој заврши во гимназијата „Д-р Ибрахим Темо“, е еден од најдобрите на тестот по македонски јазик и литература на државната матура, со освоени 99,99 перцентили. Уште двајца ученици имаа ист број на поени од 10.758 што полагаа македонски јазик и литература, според податоците на Државниот испитен центар.

Првото место на државната матура - поттик и мотив за понатаму

- Сечиј успех, или барем ново достигнување е постигнато по специфичен индивидуален пат, а кога станува збор за мене, тоа е континуираниот труд и интерес за проучување нови идеи од разни области кои придонесуваат во моето општо познавање. Не би рекол дека имам т.н. формула за успех, напротив сметам дека сè уште не сум целосно свесен за некои мои постапки и одлуки, но преку постојана своеволна евалуација се обидувам да се откријам себеси и што е успех за мене. Да си дел од матурантите што постигнале најдобар успех на државна матура значи многу и лично ми служи како поттик и мотив за понатамошниот академски и професионален живот - вели Сретен.

Во последните месеци од средното образование се прави комплетно повторување на досега стекнатото знаење од претходните четири години. Со самото тоа, се става поголем фокус на учењето во однос на социјалниот живот на матурантите, па го прашавме Сретен дали успеал да балансира помеѓу овие две клучни работи:

- Секако дека учењето и образованието одиграа голема улога во развојот на мојот социјален живот, позитивно и негативно истовремено. Одвојувањето повеќе од своето слободно време за учење при спремање на тестовите или испитите за државна матура на некој начин постави граници на мојот социјален живот и како резултат на тоа уочив дека понатаму морам да работам на балансот помеѓу образованието и социјалниот живот. Иако многумина сметаат дека кариерата води до најголемите достигнувања и за да се постигне успех, потребна е работа и само работа, сметам дека пријателите, семејството и другите значајни врски со нивната поддршка можат многу повеќе да нѐ мотивираат за она што следува и поради тоа не смееме да ја занемариме важноста на социјалниот живот.



Генерално во текот на образованието честопати учениците земаат дополнителни часови по некој предмет за да им се разјасни материјалот, а и кога наближуваат матурските испити, Сретен сподели дека како и за секој испит или полагање досега, се подготвувал самостојно.

- Како и за сите мои претходни тестови и полагања, така и за државната матура подготовката беше целосно самостојна. На тој начин можам реално да ги согледам сите мои недостатоци и пропусти и да се подобрам во она што ми недостига или сум го испуштил во процесот на образование. И покрај тоа што помислата за полагањето на државна матура беше присутна повеќе месеци наназад и ми предизвикуваше неспокој и анксиозност, сепак, последниот месец беше клучен во однос на спремање, повторување и доизучување на материјалот од последните четири години средно образование. Секако, еден месец не би бил доволен за совладување на целосниот материјал, но континуираното учење ми овозможи со доза на комфор да се присетам на веќе изученото и за кратко време да го повторам потребното - вели матурантот.

Тој планира своето образование да го продолжи на ФИНКИ

- Мојот план е високото образование да го продолжам во Македонија, односно на ФИНКИ (Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство). Тоа е мојата одлука бидејќи како и многу други млади, ми се допаѓа идејата на самостојност и флексибилност кои оваа професија ги нуди, како и многубројните нови технолошки откритија во информатиката кои ја возбудуваат имагинацијата во мене за проучување на технологијата и на кој начин може таа да се примени во нашето секојдневие - кажа тој.

Покрај Сретен Главинчески, најуспешно рангирани матуранти се и Филип Блажевски и Мартина Паноска со ист број перцентилен успех.
Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема