Во последниве години библиотерапијата, односно користењето книги како алатка за подобрување на психичкото здравје, станува сè попопуларна. Но, не секоја книга влијае исто врз секого.
Во 2017 година Елизабет Расел од Конектикат, САД, минувала низ тежок развод и борба со хронична депресија. Онлајн открила нешто што се вика „креативна библиотерапија“. Станува збор за индивидуално препорачани романи како психолошка поддршка. Контактирала со британската библиотерапевтка Ела Бертауд, која ѝ препорачала романи со слични животни искуства.
Библиотерапијата расте во светот
Во Обединетото Кралство и пошироко ваквото читање, вклучувајќи и книги за самопомош, се користи не само за справување со стрес и депресија, туку и како поддршка при важни животни одлуки.
Истражувањата покажуваат дека навлегувањето во фиктивни светови може да помогне во обработката на емоциите, развојот на емпатијата или едноставно, бегство од секојдневието.
Иако дел од експертите предупредуваат дека нема доволно докази дека фикцијата лекува психички нарушувања, таа сепак може да придонесе за општата благосостојба, меѓутоа, ефектот зависи од личноста, книгата и начинот на кој таа се доживува.
Некои книги можат и да наштетат
Истражувањата покажуваат дека кај луѓе со нарушувања во исхраната, читањето фикција за ликови со такви нарушувања може да ги влоши симптомите. Понекогаш, наместо катарза, читателот влегува подлабоко во негативниот облик на размислување. Затоа, изборот на литература мора да биде внимателен и индивидуален.
Исто така, лица со зависности може да бидат поттикнати од книги што ги романтизираат тие состојби. Експертите се согласуваат дека библиотерапијата не е замена за психотерапија, особено кај сериозни ментални состојби.
Во Велика Британија, компанијата „Ридинг ејџенси“ креира селектирани листи со книги за состојби како депресија и деменција. Откако е започната програмата „Ридинг вел“, се позајмиле над 3,9 милиони книги. Некои здравствени служби дури ги препознаваат книгите за самопомош како дел од терапевтскиот третман.
Исто така, истражувањата покажуваат дека луѓето што читаат редовно за свое задоволство се помалку анксиозни и почувствителни, и имаат подобра социјална поврзаност. Но, научниците се прашуваат дали читањето води до подобро здравје или психички постабилните луѓе имаат повеќе склоност кон читање?
Едно мало истражување покажа дека луѓето со депресија што читале поезија и проза во група пријавиле подобрување на менталното здравје. Уште повеќе, дискусијата за книги со други луѓе може да го засили позитивниот ефект.
Психолошкиот научник Џулија Поерио открила дека ефектот од читањето е најголем кога луѓето се емотивно вклучени во содржината и кога таа „ги допира“. Читањето, според експертите, овозможува симулирање на тешки животни ситуации во безбеден простор, каде што може да се развие разбирање, сочувство, па дури и решенија.
Извор:
ВВС
Фото: Freepik