X
 26.08.2019 Живот

Пожарот кај Велес сѐ уште беснее, граѓаните кои сакаат да помогнат во гаснењето може да се пријават на 193

Сѐ уште е активен пожарот кај езерото Младост, Велешко. Пожарот во горниот дел кај езерото е ставен под контрола, но има проширување на краци назад кон Башино Село и отпадот „Дине“ кај автопатот, соопшти вечерва Центарот за управување со кризи.

На терен дејствуваат екипи на Армијата и екипи на Територијалните противпожарни единици од Велес, Неготино, Свети Николе, Штип и Кавадарци, а побарана е помош и од ТППЕ Скопје, која на фејсбук-профилот објави дека нејзини екипи се веќе на теренот, пренесе МИА.

– Во текот на целиот ден се дејствуваше и од воздух со хеликоптер на Армијата и два канадери на Дирекцијата за заштита и спасување, кои поради слабата видливост во текот на ноќта ќе бидат повлечени - се наведува во соопштението.

Од Општина Велес на „Фејсбук“ објавија апел до граѓаните да не се движат во близина на опожарените појаси околу езерото и возачите кои минуваат на автопатот внимателно да возат бидејќи поради чадот е намалена видливоста на коловозот.



Од Општината повикаа на поддршка за надминување на кризната ситуација.


Исто така, од Општината известија дека сите оние кои сакаат доброволно да се пријават во гаснењето на пожарите, можат да се пријават на дежурниот телефон на ТППЕ: 193.



Во меѓувреме, на социјалните мрежи се објавуваат фотографии и снимки за кои се наведува дека се од пожарот, се повикува на совесност и се изразува жалење за огромната штета.


Гори нискостеблеста шума, смрека и сува трева, а силниот ветар во моментот го отежнува гаснењето на пожарот.

Претходно вечерва, за МИА од СВР Велес информираа дека четири лица од градежна фирма од Велес, кои извршувале градежни работи со брусалица, се приведени под сомнение дека го предизвикале пожарот над езерото.

–Се разговара со лицата и тие ќе бидат предадени на јавен обвинител - велат од СВР Велес.

Од Авто мото сојузот на Македонија соопштија дека вечерва во 19:40 сообраќајот на патниот правец Скопје-Велес, кој привремено беше пренасочен поради пожарот, е нормализиран.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот