X
 27.01.2022 Живот

Истражување на „Аналитика“: Епидемија на насилство во средните училишта

Тинк-тенк организацијата „Аналитика“ спроведе квантитативно истражување со учениците од три средни училишта на територијата на Град Скопје („Здравко Цветковски“, „Зеф Љуш Марку“ и „Шаип Јусуф“) на репрезентативен примерок од 305 ученици со мешан етнички состав. Наодите даваат поразителна слика за тоа колку и во каков облик се јавува насилството, оценува оваа невладина организација. Дури 62,7% од учениците потврдуваат дека насилството е често или постојано присутно во училишната средина. Најголем број од нив го препознаваат физичкото насилство кое во голема мера е највидливо, понатаму според учениците во висок процент е присутно психичкото и сајбер-насилството. Високи 70% од учениците се сведоци на насилно однесување во нивните училишта, но истото не го пријавуваат од многу причини, меѓу кои е и незнаењето кому да пријават или како да пријават, а да останат анонимни.

На прашањето: „Дали сметате дека наставниците посветуваат доволно време за едукација на учениците за превенција и справување со насилството“, висок процент на ученици, односно 82,3%, одговориле дека наставниот кадар посветува најмногу време на ваква едукација.
Кај 43% од учениците доминира одговорот дека насилството е најчесто прекинато од страна на наставниците во училиштето, што посочува на важноста на улогата на наставниот кадар во креирањето безбедна училишна средина.

Бојана Мијовиќ-Христовска од „Аналитика“ кажува дека согласно истражувањето, високи 83,6% покажуваат дека девојчињата се почестите жртви на родово базираното насилство во училиштата. Родово базираното насилство и родовата рамноправност сè уште претставуваат една од најгорливите теми во нашата заедница, па и во училиштата. Кога зборуваме за нашето општество, можеме и да додадеме дека родово базираното насилство се третира како табу-тема, отсуствува едукација, како и помош и поддршка на младите девојки.



Тамара Мијовиќ-Спасова од „Аналитика“ смета дека за да се спречи насилното однесување на учениците, особено е важна континуираната и здрава соработка помеѓу родителите и училиштата. Од добиените одговори забележуваме дека 60% од учениците посочуваат на ниска соработка и вклученост помеѓу родителите, наставниците и стручните служби во училиштата. Родителите се најмногу заинтересирани за успехот на нивните деца, а многу помалку за училишната клима и вонучилишните активности кои имаат цел да ја поттикнат креативноста на учениците, да развијат вештини кај нив и да создадат безбедна и здрава околина.


Од „Аналитика“ сметаат дека образовниот систем, односно училиштата, се исклучително важни во процесот на препознавање и пријавување на случаите на насилство, каде што може рано да се открие насилството врз децата, со цел спречување. Важно е да се воспостави отворен и коректен однос помеѓу учениците, наставниците и родителите бидејќи тоа помага за намалување на насилството во училиштата.

Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Развој на култура на мир и превенција на насилство, како основни вредности во образовниот систем во Република Северна Македонија“, што го спроведува „Аналитика“ - Скопје, со финансиска поддршка од Амбасадата на Канада за Србија, Црна Гора и Македонија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот