X
 27.01.2023 Живот

Припадниците на генерацијата З не сакаат да аплицираат за работа ако во огласот не е наведена платата

Работодавците што не даваат информации за висината на платите во огласот за работа нема да ги привлечат неодамна дипломираните студенти.

Според новото истражување на неодамнешните и претстојните американски средношколци и дипломирани студенти, 85 отсто изјавиле дека помала е веројатноста да аплицираат за работа ако компанијата не дава информации за платата во огласот за работа.

Ова го покажува истражувањето за идната работна сила спроведено од компанијата „Адоуб“. Истражувањето, спроведено со „Адванис“ во декември, опфати повеќе од 1.000 испитаници - матуранти и неодамна дипломирани во САД.

Желбата да се знае колку ќе биде платена работата се разликува од постарите генерации.

- Откривме дека припадниците на генерацијата З ја ценат транспарентноста и генерално се поотворени за дискусии за платите од претходните генерации и се чувствуваат удобно да им ја кажат платата на своите врсници - вели Ваишали Сабхахит, глобален шеф за универзитетски таленти во „Адоуб“.

- Ова може да се припише на тоа што тие се дигитални домородци и дека пораснале консумирајќи содржини на социјалните мрежи каде што луѓето го споделуваат својот секојдневен живот со своите следбеници.

Некои држави во САД всушност имаат закони за транспарентност на платите. Ова го вклучува Вашингтон, каде што од 1 јануари оваа година работодавците со 15 или повеќе вработени мора да вклучат скала за плати или опсег на плати, општ опис на сите бенефиции и општ опис на други надоместоци во огласите за работа. Законите за транспарентност на платите може да имаат добри страни за работодавците, сегашните работници и за оние што бараат работа.

- Врз основа на нашата анкета, првите три причини поради кои младите би одбиле работа се ниските плати, лошата рамнотежа помеѓу работата и животот и непривлечните бенефиции. Нашето мислење е дека иако претходните дипломци можеби ги ценеле овие атрибути, сегашните му даваат предност на балансот помеѓу работата и животот, а исто така и работата во здрава средина што е погодна за нивното ментално здравје - рече Сабхахит.

Според истражувањето, 70 отсто од младите изјавиле дека се загрижени за потенцијална рецесија. Дополнително, резултатите покажуваат дека две третини од претстојните и неодамнешните дипломирани студенти изјавиле дека макроекономските фактори влијаеле или ќе влијаат врз нивниот избор за индустрии или компании при нивното барање работа. Исто така, истражувањето дава увид во тоа како овие потенцијални баратели на работа сакаат да работат. Речиси 40 отсто се заинтересирани за хибриден работен модел.

Извор: Business Insider
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот