„Нетфликс“ го објави првиот трејлер за документарниот филм „Титан: Катастрофата на Оушн гејт“, кој ги истражува причините што доведоа до експлозијата на подморницата во 2023 година и трагичната смрт на сите што беа во неа.
Како потсетување, компанијата „Оушн гејт“ од 2021 година организираше годишни мисии за истражување на остатоците од „Титаник“, со цена на билетот од 250.000 долари. При последното патување, на 18 јуни 2023 година, беше изгубен контакт со подморницата. Подоцна се утврди дека подморницата експлодира поради огромен притисок, при што загинаа пет лица, вклучувајќи го и директорот на „Оушн гејт“, Стоктон Раш.
Деталните истраги покажаа дека „Оушн гејт“ ги игнорирала предупредувањата за опасноста од подморницата, а филмот на „Нетфликс“ ги обработува сите овие аспекти, потпирајќи се на сведоштва и клучни аудиоснимки.
- Не можеше да се знае точно кога „Титан“ ќе откаже. Но, математички беше јасно дека ќе откаже - се вели во трејлерот.
Стоктон Раш во документарецот се појавува како главниот негативец во приказната. Еден сведок вели дека сакал слава, додека друг го опишува како човек „на работ да биде прогласен за психопат“. Поранешната финансиска директорка на „Оушн гејт“, Бони Карл, се сеќава како Раш еднаш, на шега или не, ѝ рекол дека таа ќе биде неговиот следен пилот.
- Дали си нормален? Јас сум сметководителка - му одговорила таа.
Според сведочењето на Карл, поранешниот оперативен директор на „Оушн гејт“, Дејвид Локриџ, ја предупредил дека подморницата „Титан“ била опасна уште пред кобната мисија.
„Титан: Катастрофата на Оушн гејт“ навлегува во умот на милијардерот и извршен директор на „Оушн гејт“, Стоктон Раш, и ја истражува неговата неуморна желба океанографските истражувања да станат достапни за секого. Со ексклузивен пристап до сведоштва, клучни аудиоснимки и снимки од раните денови на компанијата, филмот нуди поглед кон техничките предизвици, моралните дилеми и шокантно лошите одлуки што доведоа до катастрофата - стои во официјалниот синопсис.
Премиерата на „Титан: Катастрофата на Оушн гејт“ е закажана за 11 јуни на „Нетфликс“.
Извор:
Itc.ua
Фото: Screenshot/YouTube