X
 27.05.2025 Живот

Кафе од каналите во Венеција: Архитектонска иновација што ја прочистува водата и прави еспресо

На годинашното Архитектонско биенале во Венеција посетителите можат да уживаат во италијанско еспресо направено од водата од каналите на градот. Зад идејата стои „Канал кафе“, необична инсталација дизајнирана од светски познатото архитектонско биро „ДИлер Скофидио + Ренфро“.

Според архитектонското биро, „Канал кафе“ е дел кафуле - дел лабораторија, каде што се служи свежо кафе направено од прочистена вода од каналите. За да се постигне ова, архитектите осмислиле хибриден природно-вештачки систем за прочистување, кој започнува со транспарентна цевка што вади вода од лагуната Арсенале. Таа потоа поминува низ биофилтрациски систем кој ја ослободува од кал, токсини и други нечистотии.

1
Фото: Iwan Baan

Едниот тек симулира „микровлажна зона“, каде што растенијата халофити помагаат во прочистувањето, но ги задржуваат природните минерали. Другиот тек поминува низ вештачка филтрација, обратна осмоза и УВ-дезинфекција.

Каналите на Венеција се едно од нејзините највпечатливи обележја, но истовремено се и најранливи. Туризмот масовно се зголеми, а со него и бројот на чамци со дизел-мотори кои сериозно ја загадуваат водата. Според извештај на Европскиот парламент од 2019 година, загаденоста на водата во Венеција е оценета како „загрижувачка“. Климатските промени се уште една закана, градот потонува поради порастот на морското ниво, екстремното време и честите поплави.

2
Фото: Iwan Baan

Во такви услови, каналите на Венеција се сложени, привлечни и раскошни, но и потенцијално опасни. „Канал кафе“ го нагласува тој тенок баланс претворајќи ја солената вода од каналите во еспресо, кое е симбол на италијанската култура и секојдневие.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Iwan Baan
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот