X
 27.06.2025 Технологија

Првата хибридна нуклеарна батерија може со децении да ги напојува уредите без полнење

Истражувачите од корејскиот Институт за наука и технологија (ДГИСТ) ја развија првата практична „бетаволтаична“ батериска ќелија од новата генерација, која може да обезбеди напојување со децении и тоа без потреба за полнење. Оваа револуционерна нуклеарна батерија е добиена со технологија што користи електрода со радиоактивен изотоп на јаглерoд-14, а која е директно поврзана со апсорбирачки слој од перовскит, напреден материјал познат по високата ефикасност во претворањето на енергијата.

Тимот вградил квантни точки засновани на јаглерод-14 во електродата и дополнително ја подобрил кристалната структура на перовскитот со помош на додатоци како што се MACl и CsCl,со што е постигната висока стабилност и исклучителна ефикасност на конверзија на енергијата. Според истражувањето објавено во списанието „Хемикал комуникејшнс“, новата ќелија остварува дури 56.000 пати поголема подвижност на електроните во однос на постојните системи.

„Бетаволтаичните“ ќелии генерираат струја користејќи бета-честички што настануваат за време на природно радиоактивно распаѓање. Иако теоретски се способни за работа во тек на повеќе децении без одржување, досега беа ограничени поради проблемите со безбедното ракување со радиоактивните материјали и стабилноста на компонентите. Сепак, новата хибридна ќелија успева да ги реши тие предизвици и нуди стабилно напојување дури и во екстремни услови, што ја прави идеална за вселенски мисии, медицински импланти и воена опрема.

Во тестирањето ќелијата одржувала стабилно производство на енергија за време на непрекината работа од девет часа. Професорот Су-Ил Ил, водач на истражувањето, рекол дека ова е прва реална демонстрација на практичната употреба на „бетаволтаична“ ќелија и дека се планира нивна комерцијализација и минијатуризација.

Извор: Benchmark
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија