X
 27.11.2019 Живот

Ова е најдобриот град за просперитет и социјална инклузија

Според ново истражување, Цирих е најуспешниот град во светот за социјална и економска инклузивност.

Индексот наречен PICSA (The Prosperity & Inclusion City Seal and Awards) го дефинира инклузивниот просперитет како мерка за економска продуктивност што рефлектира колку секторите на населението можат да придонесат за економијата и да учествуваат во придобивките.

Истражувањето се заснова на критериуми, како што се БДП по глава на жител, квалитетот на животот, безбедноста на жителите, образованието, домувањето, квалитетот на животната средина, пристапот до здравствената заштита и интернетот.

- Градовите што се најдоа на врвот на индексот покажаа светски водечки проекти и политики што создадоа инклузивни урбани центри за сите нивни граѓани - рече Бруни Ланвин, основач и извршен директор на „Ди & Ел партнерс“, консултантска фирма што го спроведе истражувањето во име на две баскиски институции.

cirih
Фото: Depositphotos


Цирих постигна одлични поени во сите категории, а веднаш по него се Виена и Копенхаген, на второ и трето место. Женева се најде на 10. место.

Најголемиот град во Швајцарија постигна импресивно ниво во категориите работа, домување, слободно време, образование и безбедност.

Ова не е првпат Цирих да добие највисоки поени во меѓународните истражувања. Истражувањето „Мерсер“ го рангира на второто место неколку години по ред.

Единствените неевропски градови што беа рангирани во првите десет беа Тајпеј и Тајван, а Отава во Канада го зазеде шестото место. Луксембург се најде на четвртото, Хелсинки на петтото, Осло на седмото и Киел на деветтото, и ова се останатите европски градови што се најдоа во првите 10. Париз се најде на 32. место, а Лондон на 33. место.

Рим, Торино и Краков имаат најнизок рејтинг меѓу градовите во Европа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот