X
 27.11.2025 Живот

Што се случува во мозокот кога имате кошмар, откриваат научниците

Кога се будите среде ноќ поради вознемирувачки соништа: бегство, губење на драги лица или чувство на целосна немоќ, природно е да се прашувате што претставуваат таквите соништа и зошто воопшто сте ги сонувале. Уште поважно прашање е што се одвива во вашиот мозок при кошмар?

Експертите за сон и невронаука објаснуваат дека лошиот сон не е само емотивна „проекција“ на денот, туку резултат на многу конкретни процеси во мозокот, промени во активностите на различни мозочни региони, нерамнотежа во невротрансмитерите и нарушен квалитет на сонот.

Фаза на сон во која настануваат лошите соништа


Повеќето живописни соништа, вклучувајќи ги и кошмарите, се одвиваат за време на РЕМ-фазата на спиењето (Rapid Eye Movement). Во текот на оваа фаза пулсот, дишењето и циркулацијата се забрзани, а мозокот покажува активност слична на состојба на будност, се наведува во истражување од „Харвард“.

Во РЕМ-фазата се активираат структури во мозокот кои ѝ припаѓаат на основната мрежа која е поврзана со внатрешни ментални процеси, како што се размислување, сеќавање и емоционална обработка. Токму во подоцнежните РЕМ-фази најчесто доаѓа до кошмари.

Кои делови на мозокот работат при лоши соништа?

Еден од клучните актери е амигдалата, која е центар на емоционалните реакции, особено страв и несигурност. За време на лош сон таа станува доста активна, додека делови од префронталниот кортекс кои треба „смирено“ да ја проценат ситуацијата и да ги регулираат емоциите имаат ослабено влијание.

Дополнително, се поместуваат неврохемиските нивоа: при лоши соништа или кошмари се забележани повисоки нивоа на хормони на стрес (на пример, кортизол) и засилена активација на симпатичкиот нервен систем, оној што нè подготвува за реакција „бори се или бегај“.

Што ги предизвикува лошите соништа?


Лошите соништа може да бидат предизвикани од неколку фактори: стрес, траума, недостиг на сон, болест или нарушување на спиењето. Во текот на спиењето мозокот не само што „ги обработува“ информациите од денот, туку консолидира сеќавања, филтрира и ги поврзува новите со старите податоци. Кога тој процес ќе биде нарушен, на пример, поради недоволно сон, се зголемува веројатноста за лоши соништа.

Невронаучници од Универзитетот „Пен Стејт“ моментално работат на истражување на механизмите на кошмарите следејќи ги промените во амигдалата и префронталниот кортекс кај луѓе и животни со цел подобро да се разбере зошто настануваат овие соништа.

Иако лошите соништа често се доживуваат како непосакувани и трауматични, експертите сметаат дека тие можат да имаат адаптивна функција - му помагаат на мозокот да обработи тешки емоции, да ги интегрира и на некој начин да го намали нивното влијание.

Меѓутоа, кога кошмарите се чести и интензивни, можат да бидат показател на нарушување на спиењето или идни ментални проблеми. Истражувања укажуваат на врска меѓу повторувани лоши соништа и, на пример, анксиозност или депресија.

Што значи ако сте имале кошмар?

Ако минатата ноќ сте сонувале нешто вознемирувачко, еве што се случило во вашиот мозок: вашата амигдала веројатно била активирана, предизвикувајќи емоционална реакција додека сте биле во РЕМ-фазата на сон.

Истовремено, вашата префронтална регија на мозокот, која би требало да го смири системот, била помалку ефикасна, поради што сте можеле да го интерпретирате сонот како реален и трауматичен.

Во заднина, мозокот се обидувал да консолидира сеќавања и да обработи емоции, но процесот бил прекинат, веројатно затоа што сте немале доволно квалитетен сон. Како резултат, се разбудивте со чувство на интензивна непријатност: срцето ви чукало посилно, можеби сте биле дезориентирани или вознемирени.

Како да се спречат кошмарите?


Иако не можеме целосно да контролираме какви соништа ќе сонуваме, постојат чекори што можат да помогнат:

Обезбедете доволно квалитетен сон
- РЕМ-фазата трае најдолго во доцните часови на спиењето, па може да помогне ако порано си легнете.

Внимавајте на другите навики на спиење - Легнете во мирна и темна просторија, избегнувајте тешка храна и кофеин непосредно пред спиење.

Ако сте изложени на голем стрес или траума, поддршката од професионалец може да помогне да се намали зачестеноста на вознемирувачките соништа.

Лошиот сон не е само лош избор на кревет или гледање хорор-филм пред спиење. Тој е сигнал дека вашиот мозок бил активен на ниво кое го надминало обичниот процес на дневна обработка и дека му е потребно ваше внимание.

Ако лошите соништа се повторуваат, размислете за промена на навиките и, по потреба, стручна помош.

Извор: Danas.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот