X
 28.01.2026 Технологија

„Јутјуб“ добива повеќе ВИ-функции

Иако „Јутјуб“ е свесен за загриженоста околу таканареченото „ВИ-ѓубре“, платформата во наредниот период ќе воведе уште повеќе содржини генерирани со вештачка интелигенција.

Во обемна објава на блог, во која ги претстави плановите на „Јутјуб“ за 2026 година, извршниот директор Нил Мохан изјави дека компанијата ќе продолжи да ја прифаќа оваа нова „креативна граница“, овозможувајќи им на креаторите наскоро да прават кратки видеа користејќи свои ВИ-генерирани ликови.

Мохан не навлезе во детали за тоа како точно ќе функционира оваа опција и кога ќе биде достапна, но призна дека дипфејк-содржините се сериозен проблем кој моментално го загадува интернетот. Тој повторно ја потврди поддршката на компанијата за нови закони, како што е Законот за спречување лажни дигитални копии (предлог-закон во САД чија цел е да ги заштити луѓето од злоупотреба на нивниот лик, глас и идентитет преку вештачка интелигенција, особено преку дипфејк-содржини.

Исто така, „Јутјуб“ им овозможува на своите креатори да се заштитат од неовластено користење на сопствениот лик преку алатка за детекција, која ги скенира новите видеа во потрага по потенцијални совпаѓања.

Меѓу другите нови ВИ-функции споменати во објавата се и платформата „Плејејблс“, која моментално е во бета-фаза и овозможува креирање игри со помош на моделот „Џеминај 3“, како и нови алатки за создавање музика.

Мохан не прецизира кога точно може да се очекува новата функција за генерирање ВИ-ликови за кратки видеа.

Извор: Atvbl.rs
Фото: Pexels
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија