X
 28.09.2021 Издвојуваме

Дарио Ивановски држи 8 рекорди: По долго трчање се чувствувам како суперхероj

На Скопски маратон планирам да го соборам државниот рекорд во маратон на легендата Трпе Мартиновски, вели Дарио Ивановски

Дарио Ивановски го собори националниот рекорд на 10.000 метри стар 41 година. Дарио Ивановски го собори државниот рекорд на 5.000 метри стар 39 години. Државен рекорд на Дарио Ивановски на 1.500 метри. Дарио Ивановски освои злато во Сан Марино и постави нов македонски рекорд на 3.000 метри! Дарио е балкански шампион на 3.000 метри во сала!

Ова е само дел од медиумските наслови што годинава го следат името на Дарио Ивановски, атлетичар кој се натпреварува на трки на средни и на долги патеки. Моментално држи осум рекорди. А апетитот не застанува на оваа бројка.

Дарио го држи рекордот на Скопскиот полумаратон со време од 1:09.10, а го има освоено и првото место на Белградскиот маратон. На Балканското првенство во полумаратон во Битола постави нов национален рекорд од 01.06.08, а ги помести и своите лични граници.

На 3 октомври на Скопскиот маратон ќе се проба во маратон, голем и нов предизвик за него.

Опсесијата со трчањето е всушност опсесија за што е можно повеќе и повеќе живот. За Дарио Ивановски, трчањето значи живот.

 

 

Како трчањето се најде на Вашето дневно мени за трошење енергија и полнење батерии?

- Со трчање, односно со атлетика почнав да се занимавам сосема случајно. Пред да започнам со атлетика се занимавав со борачки вештини. При пад и повреда на рамото, морав да направам пауза со борбите и добро да закрепнам од повредата. Така и почнав да трчам за да си ја „олеснам работата“ кога ќе се вратам во рингот. Но трчањето е спортот кој бил со мене во најтешките периоди во животот и додека јас трчав рекреативно на игралиштето со цел да си ја вратам формата, постепено се поврзавме. Почувствував дека тоа е спортот кој е секогаш тука за мене, дефинитивно се пронаоѓам во него и едноставно се чувствувам како дома.Трчањето за мене значи живот.

Како трчањето го подобрува Вашиот начин на живот?

 

- Трчањето, како физички така и психолошки, многу позитивно ми влијае. Буквално по секој тренинг или пак по долго трчање се чувствувам како суперхерој, нешто што не може секој да го издржи ако не работи и не живее за тоа. Ме прави многу посмирена личност и полн со самодоверба.

 

 

Што Ви дава сила и енергија секој ден?

- Мотивацијата, пред сè, си ја давам самиот, но премногу ми значи поддршката од мојата фамилија, мојот човек (тренер) Игор Јакимовски и атлетскиот клуб „Делта“. Како и кај секој спортист, така и мене често ми се случува да немам енергија и да се чувствувам изморен. Во тие моменти се сеќавам на почетоците кога ми беше најтешко и како на секој тренинг го давав максимумот за да видам до каде ми се границите.

Се инспирирам од јапонската култура, читам за самураите и буквално пробувам да се почувствувам како воин во битка кога му е потребна „екстра“ енергија за да го совлада противникот.

Кои лични атрибути ги разви трчањето кај Вас?

- Трчањето ме научи да бидам упорен, ме направи цврста и силна личност при донесувањето правилни одлуки. Најбитно од сè, трчањето буквално ми помогна подобро да се запознамсебеси.

Како е да се биде професионален атлетичар во Македонија?

- За да бидеш успешен спортист во Македонија, треба да живееш буквално како вистински шампион. За многу одлуки мора да бидеш цврст и решителен бидејќи како професионален спортист, се соочуваш со многу поголеми работи од натпреварот. Поддршката од институциите е премногу мала, па освен на натпреварот, мораш да мислиш и на спортската кариера и на твојот живот.

 


Како течат подготовките за Скопскиот маратон?

- Скопскиот маратон го чекам и го посакувам со целото мое срце. Бидејќи можам да се покажам пред луѓето кои ми даваат поддршка, а немале можност да ме видат на меѓународните натпревари. Сакам да бидам 100 отсто подготвен за Македонците да видат вистински воин како доминира на скопските улици.

Кој е рекордот на Скопски во полумаратон? И кон кое време целите овој пат?

- Рекордот на Скопскиот полумаратон го држам јас. Резултатот е 1:09.10. Го направив во 2018 година по големата победа на Белградскиот полумаратон. Оваа година ќе трчам на целиот маратон 42.195 метри и планирам да го соборам државниот рекорд во маратон на легендата Трпе Мартиновски.

Кои здрави навики ги практикувате кога станува збор за исхраната? Како изгледа Вашето дневното мени?

- Исхраната е еден од најбитните фактори во „ендуранс“ или издржливите спортови бидејќи на организмот му е потребно чисто и вистинско „гориво“. Кенијците велат: овошје, зеленчук, ридови и планини се клучот за успех.

Харуки Мураками вели дека тие што трчаат наоѓаат поддршка во ситни детали на патеката, како патиките... Која е Вашата најголема поддршка додека сте на патеката?

- Мојата најголема поддршка за успех на патеката е дефинитивно конкуренцијата. Едноставно сакам да се натпреварувам и да се соочувам со „машините“ што се на трката. Буквално го чувствувам адреналинот кој излегува од нивните патики или спринтерки. Звукот од трупата ме внесува во некој филм и ми создава ритам во мозокот кој ми диктира правилни и чисти отчукувања на срцето.

Речиси на секој натпревар се надминувате себеси, и покрај тоа што сте си најсилна конкуренција... Како успевате?

- Додека сум на трка, можам да кажам дека се бркам со стотинки во главата и буквално на 90% од трките не се сеќавам на ниту една мисла. Додека се тркам, си поставувам само едно прашање и си го одговарам како се доближувам до крајот на трката: Дали ќе успеам?! На тренинзите се јавуваат тие „ранинг демонс“ или трчачки демони кои во главата ни создаваат немир, но тежината и патењето пробувам да ги заменам со мир и спокој и да продолжам да го вадам најдоброто од мене.

Постојано има трки на повидок, национални првенства, балкански... Кои трки Ви се најголем предизвик?

- Засега најголемиот предизвик ми е на секое балканско првенство да бидам медалист. Но, секако, во блиска иднина посакувам медал на Европско првенство и големо финале на Светско првенство. Исто така, целта ми е да ја претставувам Македонија на Олимписки игри.

Со што сè е богата Вашата архива кога станува збор за трки. И кој подвиг го сметате за најголемо достигнување?

- Имам многу трки и учества на европски и светски првенства што ми се многу драги. Имам неколку медали на балканијадите, но најголемото достигнување ми е дефинитивно златото од балканските игри во Истанбул и Финалето на Медитеранските игри во Солентуна.

Колку сме во чекор со Европа и светот кога станува збор за трчањето? Дали има плодна почва за еволуирање на овој спорт?

- Можам да кажам дека Македонија е преполна со таленти и дечиња што се родени за атлетика. Во другите држави атлетиката е премногу развиена. Дури и државите околу нас се полни со светски и европски медали. Тие ја вреднуваат атлетиката буквално како што е наречена - кралица на спортовите.

Фото: приватна архива

Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме