X
 28.10.2026 Живот

Во Глазгов ги отстранија мумиите од музејот, причината е што „не дале согласност нивните тела да бидат јавно изложени“

Мумии стари илјадници години повеќе нема да бидат изложени во два музеја во шкотскиот град Глазгов. Причината е прилично необична, имено, починатите лица не дале согласност нивните тела да бидат јавно изложени. Одлуката предизвика жестока дебата во Шкотска, а дел од политичарите ја нарекоа бесмислица и претерување во политичката коректност, пишува „Скај њуз“.

Музејот „Келвингров“ отстрани од својата поставка неколку египетски мумифицирани остатоци, меѓу кои и телото на свештеникот Нехт, десна рака пронајдена во Долината на кралевите, мумифицирана машка глава и десно стопало.

Слична одлука донесе и музејот „Хантеријан“, кој работи во рамките на Универзитетот во Глазгов. Таму е мумијата на жената позната како Лејди Шеп-ен-хор, која се наоѓа во музејската збирка уште од 1820 година. Досега беше изложена во делумно отворен саркофаг, но од музејот порачуваат дека „заслужува приватност и по смртта“.

„Лудост на политичката коректност“

Одлуките веднаш предизвикаа критики. Шкотскиот конзервативен пратеник Мурдо Фрејзер ги нарече „лудост на политичката коректност во нејзината најапсурдна форма“.

-Музеите во Глазгов би требало да ја претставуваат нашата историја, а не да ја отстрануваат за да му угодат на најновиот тренд на политичка коректност - порача тој.

Од музејот тврдат дека станува збор за почит кон починатите и усогласување со современите етички стандарди.

Организацијата „Глазгов лајф“, која управува со музејот „Келвингров“, објаснува дека човечките останки би требало да бидат изложени само доколку постои документирана согласност од починатото лице или, во одредени случаи, од неговите потомци.

Бидејќи таква согласност за египетските мумии не постои, сметаат дека е посоодветно да се отстранат од јавната поставка.

Експертите ја бранат одлуката


Претседателката на здружението „Еџиптолоџи Скотланд“, Клер Гилмор, смета дека отстранувањето на мумиите не е ништо необично. Таа потсети дека слична одлука неодамна беше донесена и во музејот во Манчестер.

Објасни дека многу европски музејски збирки потекнуваат од 19 век и почетокот на 20 век, кога човечките останки се собирале според поинакви правила од денешните.

- Последниве години расправаме за тоа како египетските мумифицирани останки да се изложуваат на етички начин и со соодветна почит - рече таа. Додаде дека отстранувањето не мора да биде трајно и дека музеите можат повторно да ги разгледаат своите одлуки.

Сепак, сите шкотски музеи го немаат истиот став. Националните музеи на Шкотска соопштија дека засега не планираат да ги отстрануваат човечките останки од своите поставки.

Извор: jutarnji
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот