X
 28.11.2021 Здравје

Што сѐ може да предизвика чести главоболки?

Постојат повеќе причини за појава на честа главоболка и секој што има главоболка со денови, а не му помагаат лекови за ублажување на болката, треба да побара совет од лекар.

Дали главоболката е симптом на ковид-19?

Главоболката е вообичаен симптом на ковид-19, а некои луѓе имаат главоболка недели по заразувањето, пишува „Еклиника“. Оваа главоболка може да се јавува често, дури и секојдневно.

Истражување спроведено во 2020 година покажало дека од 130 учесници со ковид-19, околу 74,6 отсто имале блага до умерена главоболка. Помалку од една четвртина од учесниците имале тешки главоболки што наликувале на мигрена. Болката најчесто се појавувала истовремено со другите симптоми на ковид-19, а може да биде и прв симптом.


Фото: Pixabay

Мигрена

Мигрената е невролошка состојба која предизвикува епизоди на умерена до тешка главоболка заедно со други симптоми, како мачнина, повраќање, студени раце, чувствителност на светлина и звуци. Често, мигренската болка се јавува на едната страна од главата. Главоболката може да трае до 72 часа, но некои лица имаат и напади кои траат подолго.

Синусни главоболки

Синусите се мали воздушни џебови во лицето. Доколку се блокираат или воспалат, луѓето може да имаат синусна главоболка или синузитис, што може да траат со денови. Синусната главоболка најчесто е длабока, тапа и се влошува при движење на главата.

Може да се забележат и затнување на носот, носен секрет, оток на лицето, чувство на затнатост на ушите или треска. Синузитисот може да биде и последица на алергија, инфекција или контакт со иританти.


Фото: Pixabay

Повреда на главата

Повредите на главата може да предизвикаат редовни главоболки кои не се подобруваат или се влошуваат. Ваквите повреди може да предизвикаат потрес на мозок или трауматски повреди на мозокот, што бара итна медицинска помош. Личноста може да има трауматска повреда на главата по добивање продорна или тапа повреда.

Покрај главоболката, симптомите на ваквата повреда може да бидат чувствителност на звук или светлина, мачнина и повраќање, промена во однесувањето, губење координација, вртоглавица, пецкање или вкочанетост во рацете и нозете, проблеми со говорот, проширени зеници, конфузија или губење на помнењето.


Фото: Pixabay

Други причини и дијагноза

Постојат и други фактори што може да доведат до постојани главоболки, како напрегање на очите, чкрипење со забите или стискање на вилицата, апнеа во спиењето, депресија, тумор итн.

Секој што има главоболка најмалку 3 дена која не поминува со лекови за ублажување на болка, треба да се обрати кај лекар. Ова особено важи за луѓето постари од 50 години и кога главоболката се јавува заедно со други симптоми или необични фактори, како губење тежина, ноќно потење или кашлица.

Извор: Eklinika
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје