X
 21.06.2026 Живот

Митот за 10.000 чекори: Бројката што го освои светот почнала како маркетиншки трик во Јапонија

Многу луѓе се стремат кон 10.000 чекори дневно, без да знаат дека оваа бројка потекнува од јапонска маркетиншка кампања од 1965 година за педометарот „Манпо-кеи“.

Фитнес-бранот што следел по Олимписките игри во Токио во 1964 година му отворил можност на еден јапонски производител на часовници да го искористи растечкиот интерес за пешачење и физичка активност.

Во 1965 година, компанијата „Јамаса токеи кеики“ го пуштила во продажба педометарот наречен „Манпо-кеи“. Името во превод значи „мерач на 10.000 чекори“, а токму таа бројка станала централниот дел од маркетиншката кампања.

Сепак, станувало збор за рекламна порака, а не за научно утврдена препорака. И покрај тоа, идејата за 10.000 чекори со децении се ширела низ светот како да е научен факт.

Самото име е составено од три јапонски зборови: „ман“ што значи 10.000, „по“ што значи чекори, а „кеи“ што значи мерач. Тркалезната бројка била лесна за помнење, што било идеално за производ наменет за широка продажба.

Кетрин Тјудор-Лок, истражувач на навиките за пешачење на Универзитетот во Масачусетс „Амхерст“, го проследила потеклото на оваа идеја до самиот почеток. Според неа, уредот бил лансиран во период кога јапонската јавност била особено заинтересирана за физичка активност, па „Манпо-кеи“ брзо стекнал голема популарност.

Во тоа време, меѓутоа, не постоеле научни докази што ја потврдувале препораката за 10.000 чекори дневно. И-Мин Ли, епидемиолог на Медицинскиот факултет на Харвард, која ги проучува врските меѓу физичката активност и смртноста, истакнува дека бројката била избрана затоа што звучела добро и лесно се паметела, а не затоа што била заснована на истражувања.

Што покажува науката?


Подоцнежните научни истражувања се обиделе да утврдат колку чекори навистина се потребни за подобро здравје. Резултатите покажуваат дека придобивките се појавуваат и при значително помал број чекори од популарните 10.000.

Едно истражување од 2019 година, објавено во списанието „ЏАМА Интернал Медисин“ и предводено од Ли, опфатило 16.740 жени со просечна возраст од 72 години. Нивната физичка активност била следена со акцелерометри поставени на колковите.

Резултатите покажале дека жените кои правеле околу 4.400 чекори дневно имале пониска стапка на смртност во споредба со оние кои правеле околу 2.700 чекори. Придобивките продолжувале да растат со зголемувањето на бројот на чекори, но ефектот почнувал да се стабилизира околу 7.500 чекори дневно.

Мелоди Динг, професорка на Школата за јавно здравје при Универзитетот во Сиднеј, смета дека целта од околу 7.000 чекори дневно е реална и достижна за поголемиот дел од луѓето.

Зошто 10.000 чекори и натаму се популарни?


И покрај научните сознанија, бројката од 10.000 чекори и понатаму останува најпознатата дневна цел. Причината е едноставна – таа е тркалезна, лесна за помнење и лесно се претвора во мотивациска порака.

За разлика од неа, бројка како 7.283 чекори, иако можеби е поблиску до научните проценки, тешко би можела да стане дел од успешна маркетиншка кампања или секојдневна навика.

Извор: Spacedaily.com
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот