Австралиската радиостаница „Кеј-еј-ди-еј“, која емитува програма во Сиднеј и преку апликацијата „ајХартрејдио“, се соочува со критики откако беше откриено дека шест месеци користела водител генериран со вештачка интелигенција, притоа без никаде да ја објави таа информација.
Водителката, наречена Тај, била создадена со помош на софтвер за клонирање на глас развиен од компанијата „Илевенлебс“. За време на емисијата „Работни денови со Тај“, водителката пуштала музика четири часа секој работен ден, од понеделник до петок, без на веб-страницата или во промотивните материјали да се напомене дека Тај не е вистинска личност.
- Ако денот ти е без врска, дозволи Тај и „Кеј-еј-ди-еј“ да ти ги подобрат енергијата и расположението - пишуваше на веб-страницата на емисијата.
Вистинската природа на Тај била откриена дури кога писателката од Сиднеј, Стефани Кумбс, почна јавно да се прашува дали станува збор за вистинска личност.
Во блог-објава од почетокот на месецов, Кумбс напиша: - Кое е презимето на Тај? Кој е нејзиниот идентитет? Од каде доаѓа? Нема биографија, ниту повеќе информации за жената која наводно ја води емисијата.
Анализа на аудиоснимки покажа дека водителката идентично ја изговара фразата „олд скул“ во различни емисии, што дополнително ги засили сомнежите.
Од радиото подоцна признаа дека користеле вештачка интелигенција за создавање на гласот на Тај.
Во моментов, според Австралиската агенција за комуникации и медиуми, нема правила што забрануваат користење на вештачка интелигенција во радиосодржини. Сепак, австралиската радиомрежа беше критикувана затоа што не открила дека во една од емисиите се користи вештачка интелигенција.
- Требаше да бидат транспарентни и искрени, и да објават дека водителката е вештачка интелигенција - изјави Тереза Лим, потпретседателка на австралиската асоцијација на гласовни актери.
Извор:
Independent.co.uk
Фото: CADA