X
 29.05.2025 Технологија

Словенија основа Институт за развој на вештачка интелигенција

Во Словенија е основана непрофитна организација која ги обединува водечките експерти, истражувачи и визионери во областа на вештачката интелигенција – Институт за развој на вештачка интелигенција АИ-Д.

Голем потенцијал

Како што неодамна објави институтот, целта е да ѝ помогнат на Словенија да го достигне самиот врв во развојот и употребата на вештачката интелигенција и да ја забрза дигиталната трансформација на сите нивоа.

Главни предизвици се недостигот на експерти и јасни стратегии за безбедна и одговорна употреба на вештачката интелигенција. Компаниите што успешно ќе ја интегрираат вештачката интелигенција во своите услуги и процеси ќе имаат важна конкурентска предност. Довербата ќе биде клучна - преку етичка употреба, транспарентност и усогласеност со европското законодавство. Клемен Селаковиќ, експерт за вештачка интелигенција, вели дека вештачката интелигенција повеќе не е иднината, туку сегашноста, радикално менувајќи го нашиот свет.

- Словенија има исклучителен потенцијал да стане главен играч во оваа област, но треба да дејствуваме на координиран и стратешки начин. Институтот за вештачка интелигенција ќе биде клучна платформа за поврзување таленти, поттикнување иновации и осигурување дека Словенија ќе ги искористи сите придобивки што ги нуди вештачката интелигенција - објаснил Селаковиќ.

Дополнително, словенечката влада неодамна започна со изградба на центар за податоци, во кој ќе биде сместен првиот високоперформансен суперкомпјутер во земјата и фабрика за вештачка интелигенција (ВИ), проект вреден 150 милиони евра.

Камен-темелникот за центарот за податоци АРНЕС (Академска и истражувачка мрежа на Словенија) бил поставен во Марибор, а на откривањето присуствувал и премиерот Роберт Голоб.


- Во центарот за податоци комбинираме три исклучително важни елементи: собирање податоци, капацитет на суперкомпјутери и фабрика за вештачка интелигенција - истакнал Голоб.

Дел од поширок план на ЕУ


Европската Унија неодамна го лансира акциониот план „АИ Континент“. Како што истакнала претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, на Самитот за акција за вештачка интелигенција во Париз во февруари, оваа амбициозна иницијатива треба да ги трансформира силните традиционални индустрии на Европа и нејзината исклучителна база на таленти во моќни мотори на иновации и забрзување на вештачката интелигенција.

Комисијата ќе ја зајакне европската инфраструктура за вештачка интелигенција и суперкомпјутери, со мрежа од фабрики за вештачка интелигенција. Фабриките за вештачка интелигенција се повеќе од центри за податоци. Тие ги трансформираат податоците во увиди во реално време, а 13 од нив веќе се распоредени околу водечките суперкомпјутери лоцирани во Европа. Тие ќе ги поддржат стартапите, индустријата и истражувачите од ЕУ во развојот на модели и апликации за вештачка интелигенција.

Извор: poslovni.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија