X
 04.12.2018 Технологија

Вештачката интелигенција како дел од секојдневието: Што нѐ очекува?

Вештачката интелигенција повеќе не е идеја од научнофантастичната литература. Таа станува дел од секојдневниот живот. Како што компјутерската интелигенција го менува нашиот живот и како ќе ни ја промени иднината, се разгледува во емисијата на „Глас на Америка“ - „Заедно со Грета ван Састерен“.

Вештачката интелигенција на многумина од нас им го промени начинот на живот. Таа влијае врз тоа како патуваме, кои содржини ги пребаруваме на интернет, па дури и храната што ја јадеме. Но, брзиот развој на технологијата отвора многу суштински прашања, истакнува директорот на „Мајкрософт“ за правни прашања, Бред Смит.

- Токму како што ниеден поединец, компанија или влада не смее да биде над законите, ниедна технологија исто така не смее да биде над законите. Мислам дека ќе мораме да создадеме етички принципи, а потоа и закони, за општеството да може да одлучи како сака да се применува оваа технологија - вели Смит.

2
Фото: Shutterstock


Вештачката интелигенција сега има алгоритми што се закануваат дека ќе го надминат нивото на човечка интелигенција и се користат во борбата против тероризмот и гладот во светот, како и во медицината.

- Многу најсовремени методи во имунотерапијата, на пример во областа на лекување на ракот, веќе се засновани на вештачката интелигенција, а имаме многу причини да веруваме дека тоа ќе продолжи да се забрзува - додава тој.

Но, напредокот во вештачката интелигенција исто така значи дека пазарот на трудот ќе се промени и ќе стане потежок за ниско квалификуваните работници.

- Кога ќе дојдете во ресторан за брза храна кој има прозорец за возачи, денес вашата порачка ја прима и ја внесува во компјутер човек што работи во ресторан. Мислам дека за пет години постои добра шанса оваа личност повеќе да ја нема таа работа, бидејќи ќе ја извршува компјутер што може да разбере што вие зборувате и сам да ја внесе нарачката - наведува Смит.

Тој додава дека денешната работна сила е од фундаментално значење да научи нови вештини за да се адаптира и да биде успешна во новата ера.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија