X
 29.06.2017 Култура

Владимир Набоков и сите негови Лолити...

Во 1955 година, објавен е романот Лолита, дотогаш најконтроверзното дело од професор од Универзитетот „Корнел“. Авторот, Владимир Набоков, кога му го пратил на издавачот во Америка, го нарекол „темпирана бомба“, притоа стравувајќи за својата академска позиција. А за тоа имал и причина – централна тема во книгата е сексуалната експлоатација на дванаесетгодишно девојче од страна на средовечен маж. Сите издавачи одбиле да го објават овој роман, плашејќи се од реперкусиите на законот, иако биле едногласни за неговата литературна вредност.

Лолита, светлината на мојот живот, оганот во моите препони. Мојот грев, мојата душа. Ло-ли-та: врвот на јазикот преминува три чекори низ непцето, за при третиот, да чукне во забите. Ло.Ли.Та.

Свесен за ограничувањата и цензурата што владееле во книжевноста во тоа време, првично сакал романот да го објави под псевдоним. Отишол и толку далеку што се плашел да го испрати ракописот по пошта, за да не го добие американската пошта пред објавувањето.

Решение?

Една од најдобро напишаните книги на англиски јазик да се испрати за објавување во Франција.

Објавувањето на книгата предизвикало скандал, па и покрај бројните погрдни епитети, делото се стекнало и со етикетата еротски роман. Лолита станала бестселер, а оценките на критиката како таа во „Њујорк тајмс“ дека станува збор за книга со дуална природа, ги променила сфаќањата на модерната книжевност, а Лолита добил статус на  култен роман.

Меѓутоа, Лолита не бил првиот обид на Набоков да ја оживее темата за педофилијата низ приказната за повозрасен маж вљубен во девојче, кој се жени со нејзината мајка само за да му се приближи на својот објект на обожавање, за на крајот девојката да му падне во закрилата после смртта на нејзината мајка.

Во новелата Волшебник напишана во 1936, а објавена во 1986, Набоков ја дава првата  скица на Лолита. Во приказната која „Гардијан“ ја опиша како „nymphet novella“, еден четириесетгодишен златар кој е опседнат со своите педофилски медитации запознава девојче на ролшуи и бидува маѓепсан. Но, овде присуството на девојчето е сведено на минимум и нејзините емоции не се земени предвид. Главниот лик во ова дело е потполно самосвесен перверзен „волшебник“  кој  лудо вљубен, констанстно се оправдува себеси, но неочекувано добива прилика за задоволување на својата изопачена страст и ја зграпчува по секоја цена. Пишувана во трето лице еднина, нѐ оневозможува да сочувствуваме со ликовите, а постапките на главниот лик делуваат неприродно, моралната поука исчезнува и новелата сосема ненамерно наликува на порнографско четиво. 

Сепак, оваа новела се смета за едно од најзрелите дела на Набоков напишана на руски јазик.

Смеење во темница, уште едно, далеку поуспешно дело чиј наслов во оригинал е Camera obscura (1938), ја обработува веќе познатата тема – вртоглавиот пад на средовечниот ликовен критичар по име Алберт Албинус и неговата интензивна опседнатост со шеснаесетгодишната Марго Петерс. Нејзините негативни карактеристики ја прават неодоливо подла. Таа се проституира за пари, и добро истренирана да препознае лесна мета, во моменти на финансиска криза,  во Алберт наоѓа идеален спас за неа и решение за нејзината криза.

И оваа приказна не завршува добро.
 
Имено, Набоков има одлична смисла за хумор и иронија, обезбедувајќи совршена казна за прељубникот-педофил : после несреќата во која го губи видот, Алберт е принуден да живее во љубовен триаголник, без да е свесен за тоа.

Рекс, првиот љубовник на Марго, ја продолжуваат својата афера со неа под ист кров, извлекувајќи пари од Алберт. Сознанието дека прават будала од него, доведува до трагичен завршеток, не отстапувајќи од идејата дека никој не смее да ја има Марго освен него. А таа успева да избега од местото на злосторството, со празни џебови, и исто како и Лолита, го предава заради љубов кон друг маж.

Набоков пред  да го објави своето најуспешно дело, повеќепати експериментирал на тема Лолита, односно на забранета или неостварена љубов, што во конкретните приказни, што во поединечни  епизоди во други дела. Всушност, неговото целокупно книжевно творење има допир со некој вид на инцест или забранета љубов.

За Набоков креативниот акт секогаш во себе носи нагласена еротска димензија: кога пишува песни, тој „спие со својата муза“, а Лолита ја опишува како „плод на својата љубовна врска со англискиот јазик“.

Иако го нарекуваа со секакви различни навредливи имиња, дури и педофил, Набоков признава дека Лолита била неговиот најголем предизвик и токму заради тоа и неговиот најголем успех.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура