Во рамките на проектот КОЛОРС, Факултетот за туризам и угостителство – Охрид успешно реализира Летна школа на тема „Одржлив и културен туризам“, која обедини околу 30 студенти, професори и експерти од областа на туризмот, културата и одржливиот развој.
Програмата понуди балансиран спој на академски содржини, теренски посети и интерактивни групни активности. Учесниците имаа можност да слушаат предавања од истакнати професори од регионот и Европа, меѓу кои: Културното наследство на Охрид – проф. Михаел Ристески, Индустриска симбиоза во туризмот – проф. Александар Ерцег, Културна интелигенција и комуникација – проф. Барбара Пискер, Преосмислување на одржливото патување – проф. Мануела Ковалев и Заборавени предели и туристички потенцијал – проф. Давиде Карневале.
Охрид како отворена училница
Во рамките на теренските активности учесниците ги посетија клучните културни и природни атракции на регионот: Музејот на вода – Заливот на коските, Националниот парк Галичица, цркви, манастири и музеи во Охрид. Овие посети овозможија директен контакт со богатото културно и природно наследство на регионот и нивната улога во современиот туризам.
Работилници и презентации со фокус на иновации
Преку интерактивни работилници и студии на случај, студентите развиваа проекти за: зачувување на културното наследство, одржливо патување и иновативни туристички практики.
Презентациите беа можност за споделување идеи, добивање фидбек од професорите и поттикнување конструктивна дискусија. Меѓу клучните пораки што произлегоа од Летната школа на КОЛОРС се истакнува важноста на интеграцијата на културното и природното наследство како основа за долгорочен и одржлив туристички развој. Примерите како Националниот парк Галичица го потврдуваат значењето на екотуризмот и заштитата на биодиверзитетот, додека локалитети како Заливот на коските демонстрираат дека археолошкото наследство може да биде моќен двигател на културниот туризам. Дополнително, беа нагласени неопходноста од меѓусекторска соработка и индустриска симбиоза како предуслови за намалување на еколошкиот отпечаток и зголемување на ефикасноста во туристичките услуги. Особено внимание беше посветено на интеркултурната комуникација, која е суштинска за професионалците што дејствуваат во глобалниот туристички сектор, како и на потенцијалот на сè уште недоволно искористените предели кои, соодветно активирани, можат да станат нови дестинации и да помогнат во намалувањето на притисокот врз главните туристички атракции.
Еднонеделната Летна школа придонесе за академско збогатување на студентите преку интердисциплинарен пристап и практична настава, развивање комуникациски, аналитички и организациски вештини, како и за продлабочување на мрежната соработка меѓу учесниците и институциите. Истовремено, преку успешно спроведени активности на терен и во училница, беше промовиран Охрид како пример за интегриран културен, природен и археолошки туризам во контекст на одржлив развој.
Оваа Школа претставува логично продолжение на претходната, организирана во Ферара, Италија, во рамките на КОЛОРС Алијансата и гради мост меѓу различни форми на туризам – природен, културен и археолошки – покажувајќи дека одржливиот туризам може да се реализира само преку холистички, координирани стратегии насочени кон зачувување на наследството и поддршка на локалните заедници.
Импресии и оцена од д-р Наташа Петрова-Поповски, кораководител на Работен пакет 3 на УКЛО КОЛОРС
Летната школа остави впечаток на сериозно организиран и содржаен настан, досега најобемен од настаните што се организираат во рамките на Работниот пакет 3 на УКЛО КОЛОРС. Тоа што е значајно кога се организира летна школа е успешното обединување на академската работа со практичните искуства на терен. Така, на Охридската Летна школа посебно впечатлив беше балансот помеѓу предавањата и теренските посети – од богатото културно наследство во охридските цркви и манастири, преку автентичноста на Заливот на коските, па сè до природните убавини на Галичица, што лесно може да се забележи од реализираната агенда.
Голема додадена вредност на програмата беше присуството на професори од странски универзитети, партнери на УКЛО во Универзитетската алијанса КОЛОРС, но и од други пријателски универзитети на Факултетот за туризам и угостителство - Охрид, кои со своите предавања донесоа нови перспективи и примери од меѓународната практика. Нивната експертиза овозможи учесниците да ја согледаат улогата на туризмот и одржливиот развој во поширок европски и глобален контекст.
Соработката со студентите од странските универзитети ја збогати академската дискусија и создаде динамична атмосфера на интеркултурна размена. Преку заеднички групни активности и презентации, студентите од различни земји покажаа отвореност, креативност и подготвеност за меѓусебно учење. Овој контакт не само што придонесе за размена на знаења, туку и за воспоставување нови пријателства и професионални врски што можат да се развиваат и понатаму. Атмосферата на соработка, размена на идеи и меѓукултурен дијалог покажа дека вакви иницијативи имаат долгорочна вредност, не само за студентите и професорите, туку и за афирмација на Охрид како центар на академска и туристичка размена, како и на Универзитетот како рамноправен чинител во европското семејство на развиени европски високообразовни институции.
По завршувањето на Летната школа, која се одржа од 7 до 13 септември 2025 година, учесниците ги споделија своите позитивни впечатоци, со заеднички заклучок дека оваа Школа претставуваше збогатувачка платформа за академска размена, интеркултурно учење и практично искуство во областа на туризмот и угостителството. Комбинирајќи стручно знаење со теренско истражување на културните и природните ресурси на Охрид, програмата силно ја нагласи важноста на зачувувањето на наследството и унапредувањето на одржливите туристички практики.
(Комерцијална објава)