X
 19.05.2020 Наша тема

На 22 јуни приемни тестови во сите средни школи со премногу кандидати-петкаши

Во сите училишта во кои ќе се пријават повеќе ученици со ист број на поени ќе се организира тестирање

Приемни испити ќе има во сите средни училишта во Македонија каде ќе се пријават повеќе ученици со просек 5.00 од предвидениот број за упис во прва година. Бирото за развој на образованието веќе ги има подготвено тестовите. Секој ученик ќе полага на јазикот на кој го завршил основното образование, велат од Министерството за образование и наука. Во време на вонредна состојба предизвикана од Ковид-19, уписите ќе се организираат во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести, врз чија основа ќе бидат изготвени протоколи.

Скопската гимназија „Орце Николов“

Уписите ќе се вршат во три етапи. Првото пријавување и запишување на учениците е закажано за 16 и 17 јуни, а ранг листите со резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 18 јуни.

- Во сите училишта во кои ќе се пријават повеќе ученици со ист број на поени (кои во основното училиште во сите одделенија биле со одличен успех 5.00) ќе се организира квалификациско тестирање на 22 јуни 2020 година. Конечните ранг листи со резултатите ќе бидат објавени истиот ден. Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој што ученикот ја следел наставата во основното училиште – велат од МОН.


Што ако не ве примат?

По објавување на ранг-листите, учениците кои не се запишани во училиштето ќе треба да ја подигнат целокупната доставена документација во рок од 48 часа. Училиштата имаат обврска да им ја вратат документација на учениците во истиот рок - 48 часа.

Второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 24 и 25 јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 26 јуни. Третото пријавување и запишување ќе се врши на 29 јуни, а резултатите и слободните места ќе се објават наредниот ден – на 30 јуни.

- Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок, на 24 август и мора да доставуваат доказна документација – велат од МОН.

Средното медицинско училипте во Битола / Извор: Youtube

Во скопската гимназија „Орце Николов“ и во средните медицински училишта во Скопје и во Битола (насока медицински сестри) лани се пријавија повеќе скроз одлични ученици од вкупниот предвиден број за упис во прва година. Неколку дена траеше неизивесноста. Прво училиштата донесоа одлука да се полагаат квалификациски испити (според пропозициите во конкурсите), но по притисокот на родителите МОН одлучи да се примат сите со просек 5.00. Директорот на „Орце Николов“ апелира БРО навреме да подготви тестови за да може секој ученик, и тие со по некоја четворка од основно да добијат фер шанса за упис.

Кои предмети ќе се полагаат, од кои материјали да учат канидатите?

Од БРО велат дека секогаш на време ги изготвува тестовите за приемните испити за упис во средно образование.

- Тестови имаме изготвено секогаш и покрај тоа што приемните испити не се задолжителни и се организираат ако има потреба. За да не дојде до злоупотреба и пробивање на тестовите Бирото за развој на образованието ги доставува тестовите непосредно пред приемните испити директно до министерот за образование и наука. Потоа МОН ги доставува до училиштата каде што ќе има приемни испити за упис во средно образование – објаснуваат од БРО.

СГУС „Орце Николов“ од Скопје

На овие испити писмено се полагаат два наставни предмета карактеристични за подрачјето во гимназиското образование и струката во средното стручно образование.


- Прашањата на тестовите се од наставните програми од деветгодишното основно образование за конкретниот предмет кој се полага, односно наставен материјал кој е изучен и усвоен во основното образование – велат од Бирото.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема