X
 29.12.2021 Наша тема

Со специјалитети со македонски шмек студентите од Охрид победија на натпревар во Истанбул

Студентите освоија девет медали, од кои пет златни, еден сребрен и три бронзени. На натпреварот учествуваа над 40 земји со огромни тимови. Македонскиот тим беше еден од најмалите, со тројца учесници, но беше најплодоносен

Иако не можеа да носат прехранбени производи од Македонија и да ги искористат во подготовката на специјалитетите за 18. Меѓународен натпревар по гастрономија, кој неодамна се одржа во Истанбул, тројцата студенти од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид што освоија Гран при ја зачинија храната со македонски шмек. Христијан Јордановски и Стефан Аврамовски од Прилеп и Роберт Тодорчев од Кавадарци, во конкуренција од 700 учесници, станаа апсолутни победници во категоријата црна кутија освојувајќи ја Гран при наградата. А во поединечни дисциплини се закитија со уште девет медали, од кои пет златни, еден сребрен и три бронзени.



- Се вика Black box или црна кутија, која ја добивме со намирници што претходно не се познати. Имавме 20 минути да создадеме свое мени од предјадење, главно јадење и десерт. Потоа имавме задача да ги подготвиме и да го презентираме, за 70 минути. Од главни намирници ни се паднаа риба, јунешка шницла и овошје. Предизвикот беше голем. Мора сите намирници да се употребат. Ако не, се одземаат поени. Гледавме да споиме македонско со модерно. Имавме намирници кои се користат кај нас, па ги употребивме. Рибата ја наполнивме со брокула, направивме сос од риба и домати и пире од брокула, а за подлога имавме зеленчук - вели Христијан, еден од најискусните во екипата, кој иако е студент во прва година, поминал низ многубројни натпревари, а бил и ментор.

Умешни, креативни, брзи, педантни

Тој освои и два златни медали за подготовка на домашна паста и пилешко месо, при што гледал да искористи производ препознатлив за македонската кујна, па го наполнил месото со црвена пиперка и козјо сирење и сос од брусница.


- Жирито првично го гледа изгледот на чинијата, па колку е вкусно јадењето, како и каква е организацијата, смиреноста и хигиената додека готвиме. Нашата тајна беше нашето искуство. Бевме брзи, ефикасни и први завршивме, бевме едни од најопуштените - додаде Христијан.

Стефан признава дека во подготовката на десертите поуспешни се девојчињата, но сепак успеале да подготват одличен десерт - јаболко полнето со овошје и чоколаден крем.

Натпреварот беше еден вид огнено крштевање за Роберт од Кавадарци, кој првпат учествуваше на ваков настан и одлично се снајде. За пастата освои сребрен медал, а за месото - бронзен.

- Пилешко полнето поткожно со путер и различни тревки и батак во кора со бешамел сос и пилешки бујон. Пастата полна со модар патлиџан, урда, ореви и сос од црвени пиперки и испадна како ајвар. Сакав да подготвам нешто македонско - рече Роберт.



Факултетот во Охрид има модерна кујна за практична настава

Селектор на екипата е доц. д-р Климент Наумов, кој од неодамна е назначен за раководител на студиската насока Гастрономија при Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.

- На натпреварот учествуваа над 40 земји со огромни тимови. Нашиот тим беше еден од најмалите, со тројца учесници, но беше најплодоносен. Факултетот може да се пофали со модерно опремена кујна на сто квадратни метри, има опрема која чини над 150.000 евра, сѐ што треба за да се насочиме кон практично надградување на нашите студенти и да ја споиме теоријата со праксата - изјави професорот.
Коруновски: Ваквите кадри се шампиони и треба да останат тука

Наградената екипа ја прими ректорот на Битолскиот универзитет, Сашо Коруновски, кој рече дека ова е голем успех и поттик за уште поголем развој за една насока која пред неколку години беше во замирање.



- Гастрономијата станува еден од тие брендови по кои ќе го препознаваат УКЛО и е универзитетски степен кој му недостигаше на она традиционално готварство во Македонија - рече ректорот.

Тој додаде дека на оваа насока расте квалитетот.

- Може да имате квантитет, но најважно е да имате квалитет. Гастрономија не е масовна програма. Тоа е фина уметност. Она што тие го постигнаа треба да биде препознаено, прво онаму каде што работат. Дали ќе останат тука или ќе си заминат надвор? Ако освојувате медали и Гран при, треба да бидете третирани како шампион, во спротивно друг ќе ве третира така - рече тој и апелираше до оние што треба да го вреднуваат квалитетот, да го направат тоа.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема