X
 30.05.2023 Здравје

Дали бавното слабеење навистина е поефикасно од брзото?

Кога луѓето се обидуваат да изгубат телесна тежина, најчесто сакаат да видат резултати во краток временски период. Експертите најчесто препорачуваат побавно губење на телесната тежина бидејќи се смета дека брзо загубената тежина потоа побрзо се враќа. Но, дали тоа навистина е така?

Губењето до еден килограм неделно се смета за бавно губење на телесната тежина, додека губењето повеќе од еден килограм неделно е брзо слабеење. Што велат истражувањата за брзото слабеење?

Биле спроведени повеќе истражувања со различни пристапи. Едно истражување било спроведено на 200 луѓе, кои биле следени во период од три години по диети за брзо и бавно слабеење. Се покажало дека околу 76 отсто од учесниците во двете групи ја вратиле изгубената телесна тежина, односно немало разлики помеѓу двете групи.

Друго истражување спроведено на 101 жена што поминале менопауза открило дека испитаниците што побавно слабееле подобро ја задржале телесната тежина отколку оние што побрзо слабееле.


Фото: Pixabay

Меѓутоа, во губењето на телесната тежина треба да се земат предвид и други фактори, како промените во телото. Голема анализа на повеќе истражувања покажала дека ефектот на губење телесна тежина е сличен за двата пристапи на слабеење, но побавното слабеење било подобро за метаболизмот, соодносот помеѓу масното ткиво и мускулите и здравјето на коските.

Заклучокот на експертите е дека без разлика колку телесна тежина ќе загубите, тешко е да останете на истото ниво бидејќи телото работи така што го менува биолошкиот систем и прави физиолошки промени за да ја вратите тежината која сте ја загубиле. Ова е останато од нашите далечни предци чии тела го развиле овој метод на преживување за да се адаптираат на периодите без храна.

Успешното слабеење се сведува на следење програми на исхрана базирани на научни докази, водење од професионалци и постепени промени во животниот стил за да се формираат навики кои ќе траат цел живот.

Извор: Science alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје