X
 30.09.2025 Колумни

Колумна: Реминисценции со дискретен звук на дрвото

Творештвото на Васил Василев (роден 1938, Скопје) претставува своевиден симболизам на интимни реминисценции, осцилирајќи низ неколку изразни стилови во скулптурата. Имено, станува збор за современ уметник кој мошне брзо ја пронајде својата главна преокупација, почнувајќи од вајање портрети и фигурација, движејќи се од реален кон асоцијативно-архајски приод во изведбата. Во пластичната обработка на портретите Василев го доловува карактерот на ликот и неговата психологија, додека на фигурите се јавува посебна наклонетост за поедноставена, стилизирана и архајски решавана форма, што води кон реминисценции и носталгија од своето поднебје.

Како основна консеквенција во своите настојувања, овој автор јасно ја експонира својата определба која речиси се состои од контемплативното барање на идеални форми и содржина третирана на естетски начин - портретот и фигурата до чиста асоцијативна основа и еротска визија на неговата емоција. Самиот материјал дрвото, во кој се изведени делата, директно асоцира на земјата, враќајќи го изгубеното чувство и реминисценции за суштината и радоста од природата. Тој, дискретно, трупците од дрво релјефно ги моделира на еден апстрактен, фигуративно-асоцијативен начин со намера да ги изрази своите замисли, но истовремено давајќи му можност на гледачот да ја развие својата фантазија, што е услов да се допре до широката и слободна асоцијативност. Уметникот перманентно се навраќа на старото (архајското) со нови сознанија и искуство. Формата станува антропоморфна и биоморфна во својот еротски набој и го задржува, повеќе или помалку, грчот на егзистенцијата, но со поинаков контекст во однос на минатото. Всушност, тоа континуирано себеанализирање, со минати и сегашни состојби и идеи, му дава на неговото дело автентичност и многузначност. Дури и еротската скулптура не е третирана во буквална смисла на зборот, туку тоа се ситуации кои тежнеат кон поинакви содржини и поголеми контемплации.

Скулптурите на Васил Василев оддишуваат со лиричност и носталгичност, тој мајсторски ја владее техниката на обработка на дрвото адекватно на неговите барања кои несомнено се со елементи на вкус и допадливост. Неговите дела пулсираат во ритмизирани форми и засеци, со сменување на мазни и рапави површини со благи рабови со помош на кои ја потенцира експресивноста на формата и емоцијата. Во тоа разградување и соединување на обликот виртуозно ги урамнотежува техницистичкото и природното. Потаму, моделацијата на портретот е сензибилна, со благо разбранувана маса, обработена на таков начин што укажува на присуство на елементи на т.н. асоцијативен реализам и архаичен натурализам, што евоцира таинственост и егзотичност. Несомнено е дека Василев е модерен скулптор, меѓутоа, неговата постапка, која содржи хармонија и целосност во ликовно-естетска смисла, може да се нарече и класична, традиционална во онаа смисла кога означува јасност и ред во проседето. Присуството на извесна енигматичност и нејасност е изразена во набиеноста и тежината на неговите скулптури, поделувајќи ја масата која и понатаму има свое јадро, и воедно, предизвикувајќи нови асоцијации и авантури во содржината на едно дело.

Ликовната егзалтација и активност на Васил Василев е изразена и низ цртежите, односно колажите кои се појавуваат повеќе како скици за подоцнежните скулптури што ќе следуваат, иако во одредени моменти скулптурата и цртежот кореспондираат, т.е. впечатливо се дополнуваат. Таквата егзалтација и манифестација на визуелни техники: графички, сликарски и скулпторски, што е во одредена смисла поврзано со емотивната перфекција на неговата личност, се јасен показател дека овие скулптури ја поседуваат својата виталност и живот во просторот. Имајќи ги предвид издвоените и споменатите карактеристики на неговите дела, во подготовка е неговата изложба која ќе се одржи во просториите на Националната галерија Даут-пашин амам во Скопје.


Автор: Марија Стојческа, историчар на уметност

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни