Изабела Левенска Миљаниќ создаде платформа со цел да ги доближи јавните уметнички дела до сите. Нејзината цел е на разбирлив и пристапен начин да ја доближи уметноста до секого, да поттикне љубопитност, восхит и гордост за културното богатство што нѐ опкружува
Изабела Левенска Миљаниќ создаде платформа со намена да служи како дигитален водич низ јавната уметност на Скопје, со визија да се прошири и во други градови од земјата и светот. Идејата произлезе од нејзината лична иницијатива и љубов кон уметноста, како и од чувството на одговорност кон просторот што го делиме.
- Моето чувство на одговорност за градот е дел од моето воспитување и визија за тоа што значи да се биде одговорен граѓанин на еден град, но и од лична потреба да си направам барем една мала победа, секој ден. Уметноста во Скопје секогаш ми била соговорник - тивка, но моќна, често незабележана - но секогаш присутна. Ја гледав таа убавина која луѓето ја одминуваат без да застанат покрај неа и да ја забележат, и токму тука го почувствував мојот повик: да ѝ дадам повторно светло, приказна, присуство. Го гледам Скопје не како хаос од бетон, туку како музеј под отворено небо, полн со скриени уметнички бисери што молчат и чекаат некој повторно да ги „прочита“. Моја инспирација беше токму тој занемарен дијалог помеѓу делата и граѓаните - уметноста што постои, но е невидлива затоа што ни недостигаат информации и контекст за неа. Го создадов проектот
museumofpublicart.com не како активист, не од позиција на критика, туку како граѓанин кој верува дека грижата за културата е и лична и колективна обврска - ни споделува Изабела Левенска Миљаниќ.
Дигитален патоказ кој ги поврзува и слави минатото, уметноста, урбаниот простор
Од идеја до реализација ѝ беа потребни точно две недели. Штом ја добила идејата, уште истата вечер купила домен и хостинг и почнала со реализација.
- Носечка идеја ми е платформата да не биде примарно перципирана како веб-страница до која пристапувате преку веб-пребарувач, туку преку скенирање на QR-кодот поставен близу скулптурите - во моментот кога стоите пред скулптурата. Како во музеј, само сега музеј на отворено. Со тоа, платформата има цел да биде дигитално информативно обележје на делото - на македонски и на англиски јазик. Кога ќе ја отворите платформата и ќе истражувате низ неа, може да најдете фотографии, локации и контекст за моите омилени скулптури и нивните автори. Тоа не е само информативна страница за уметност, туку дигитален патоказ кој ги поврзува и слави минатото, уметноста, урбаниот простор, а најмногу уметниците кои со своите дела и визии го разубавија градот - ни посочува Изабела.
Вели дека идејата не е побудена од едно дело, туку од нивната збирна тишина.
- Сепак, клучен миг беше една вечерна прошетка со мојот сопруг, откако сфативме дека градот таа вечер не нуди културна содржина по наш вкус, па решив да шетаме и да застанеме покрај сите скулптури што ми се омилени во центарот на градот. Перципирајќи го Скопје како музеј на отворено, ги анализиравме скулптурите, зборувавме кои се нивните автори, на што нѐ асоцираат и кој е нивниот наратив и контекст. Не можев да се ослободам од чувството дека тие скулптури зборуваат цели приказни, но никој не ги слуша, најмногу затоа што ако имате контекст за делата, ќе сфатите дека секое има причина зошто е направено од тој материјал, зошто е поставено баш на тоа место на кое што е и дека иако повеќето се апстрактни - носат јасни пораки. Токму тогаш решив дека сакам и на моите сограѓани да им овозможам информации за делото додека стојат пред него. Имајќи ги тие информации за делата, се отвораат нови перцепции и можности за одново лично да се поврземе со градот, кој крие толку многу приказни што чекаат да бидат откриени - ни изјавува таа.
„Адам од Говрлево“ е речиси непознато дело за јавноста
Посочува дека процесот на истражување за секое дело поединечно бил деликатен, интензивен, исклучително возбудлив и интересен.
- За да соберам информации за сите дела ми беа потребни околу 3 дена. За некои дела податоците се лесно достапни, но за многу - особено оние постари или запоставени - мораше да се истражува длабоко: архиви, книги, но и разговори со уметници и семејства на авторите на делата. Секој пронајден фрагмент за секое дело беше моја мала победа. Тоа е истовремено и најтешкиот и највозбудливиот дел од работата. Уживав во процесот - додава таа.
Вели дека најмногу ја воодушевило делото „Адам од Говрлево“. Тоа е неолитска фигура на машко торзо стара над 7.000 години што спие тивко во Музејот на Град Скопје.
- Има неверојатна историја, а сепак е речиси непознато за јавноста. Светски научници го прогласија за „милениумско откритие“, а тоа е постаро и од пирамидите и Партенонот. Воодушевувањето доаѓа токму од таа диспропорција меѓу вредноста и (не)видливоста - ни открива Изабела Левенска Миљаниќ.
Таа постави и QR-кодови до скулптурите кои се отпечатени на материјал отпорен на дожд и сонце, внимателно дизајнирани за да не ја нарушуваат естетиката на делото. Поставени се во близина на скулптурите или под нив, со цел да бидат мост помеѓу гледачот и приказната зад уметничкото дело. Досега се поставени на 25 различни скулптури - секогаш внимателно, со почит кон делото, авторот и просторот.
Ни сподели дека без никакви пречки успеала да го реализира замисленото, можеби затоа што пристапот ѝ е тивок и грижлив.
- Досега не се обратив до институциите - не затоа што не ги почитувам, туку затоа што сакав да тргнам сама и мојата идеја да ја реализирам брзо. Сакам да покажам дека и без гласни реакции, со истрајност, визија и искрена посветеност, секој од нас може да внесе позитивна промена таму каде што нешто недостига. Но, отворена сум за соработка - особено во пресрет на 2028, кога Скопје ќе ја носи титулата Европска престолнина на културата - додава Изабела.
Грижата за местото во кое живеете е грижа за себе
Работи со поддршка на семејството и семејната фондацијата „Д-р Михаил Левенски“.
- Тоа е најличниот дел од овој проект затоа што идејата расте во круг на луѓе што ги споделуваат истите вредности, длабоко вкоренети во нашето дејствување. Без таа поддршка, патот ќе беше многу потежок. Кога идеја расте во круг на исти вредности, таа не е само твоја - таа станува дел од семејната мисија. Веќе 12 години ги следиме нашите идеи како извори што течат од различни страни, но се сливаат во иста река - река од сеќавања и вредности што ги носиме со гордост. Со секој нов проект таа река станува подлабока, побистра, посилна. И оваа идеја ќе продолжи да расте - напоена од таа заедничка струја на љубов, посветеност и спомени што нѐ поврзуваат - вели Изабела.
Оваа идеја не е врзана само за Скопје, всушност, таа веќе ги мапирала и омилените скулптури во Берлин, а планира да го направи тоа и во други градови од земјава и светот. Исто така, веќе активно работи да воведе нова форма - аудиоводич за секоја од скулптурите.
- Јавноста е клучна во мојата визија за развој на платформата. Сакам луѓето да предлагаат, да праќаат информации, да ги споделуваат сопствените приказни поврзани со делата. Секој коментар, секое скенирање ми покажува дека нешто се буди. Тоа не се само статистики, туку мали, живи моменти на препознавање и создавање нови лични перцепции за градот и уметноста во него. Добив неописливо многу позитивни реакции - најубавиот комплимент ми е дека благодарение на иницијативата, луѓето учат и повторно се заљубуваат во Скопје - додава Изабела.
Преку ваквата грижа и внимание кон јавниот простор, кон култните дела, таа праќа порака дека јавниот простор и уметничкото и културно наследство не се само нешта што ги гледаме, туку тие се дел од нашата заедничка душа, нашата врска со минатото и патоказ кон иднината.
- Грижата за местото во кое живеете е грижа за себе, за идентитетот што нѐ прави уникатни. Не чекајте некој друг да го започне тој разговор или да ја преземе таа одговорност. Препознајте ја силата што ја имате како поединец - да го забележите она што другите го заобиколуваат, да го создадете сами она што ви недостига и да им дадете глас на тивките приказни што го градат нашиот колективен свет. Ние сме тие што може да создадеме култура на внимание и почит кон просторот што нѐ опкружува, да поттикнеме љубопитност која ќе раѓа нови хоризонти на разбирање и поврзаност. Грижата за уметничкото и културното наследство е еден од најславните изрази на љубов кон самиот себе и кон заедницата. Затоа, со љубов, со храброст и со почит, да ја градиме таа врска - од денес, од ова место, и за нас и за сите идни генерации - апелира нашата соговорничка.
Фото: приватна архива