X
 30.10.2025 Култура

Дали филмот „Стив“ на „Нетфликс“ е базиран на вистинска приказна?

Филмот „Стив“, кој неодамна почна да се прикажува на „Нетфликс“, остава впечаток дека е заснован на вистинита приказна делумно поради тоа што е снимен во полудокументарен стил, преку објективот на екипа што снима документарец за поправен дом во Англија.

Килијан Марфи ја толкува главната улога и воедно е продуцент на филмот преку својата независна продукциска куќа „Биг тингс филмс“, која ја основа заедно со Алан Молони во февруари 2024 година. Нивниот прв проект беше филмот „Сите тие ситници“, а истиот режисер, Тим Милантс, повторно соработува со Марфи и во „Стив“.

Во филмот Марфи го глуми директорот на поправен дом за момчиња со проблематично однесување, кој во 90-тите години се соочува со големи финансиски кратења. Приказната го следи низ еден исклучително тежок ден, додека се обидува да ја задржи својата смиреност и емпатија кон учениците, иако сè околу него се распаѓа.

Иако изгледа како документарец, „Стив“ не е заснован на вистинита приказна. Филмот е фикција, адаптација на романот „Срамежлив“ од 2023 година на Макс Портер. Во книгата фокусот бил ставен на ученикот од поправниот дом, но за филмската верзија Портер ја преработил приказната и ја раскажал од перспектива на наставникот Стив, кој го глуми Марфи.

Портер ја добил идејата за филмот додека бил на промотивна турнеја за книгата, каде што често среќавал луѓе кои работеле со млади со проблематично однесување.

- Слушав неверојатни приказни од луѓе кои 40 години посветиле на грижата за деца, под секојдневен притисок и стрес. Си реков: „А што ако го прикажам нивниот свет преку една личност која се бори да помогне?“ - изјави Портер.

- Сакав да го прикажам животот на еден наставник под огромен притисок, кој се грижи за другите, а воедно се обидува да се зачува себеси - додава Портер.

Марфи, кој потекнува од учителско семејство, признава дека улогата ја доживеал многу лично.

- И мајка ми и татко ми беа професори, дедо ми беше директор на училиште, а и многу од моите тетки и чичковци беа просветни работници. Буквално, тоа ми е во гените - вели Марфи.

Иако ликовите се измислени, Портер сакал приказната да ја смести во реалниот контекст на Англија во 90-тите, време на политички и општествени промени.

- Тоа беше период кога многу реформи во социјалниот систем доведоа до затворање на ваквите училишта. Идеолошките одлуки на власта можат целосно да го променат општеството и токму тоа е дел од приказната на „Стив“ - вели Портер.



Извор: Bizlife.rs 
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура