X
 30.10.2025 Наука

Седата коса можеби е природен начин на телото да се заштити од смртоносен рак

Седата коса не е нешто од кое треба да се срамиме. Напротив, според ново истражување на научници од Јапонија, појавата на седа коса може да биде добар знак дека телото природно се штити од рак.

Серија експерименти со глувци укажува дека луѓето еволуирале така што „се откажуваат“ од клетките кои би можеле да предизвикаат тумори, по цена на помалку боја во косата.

Нашите клетки постојано се изложени на различни генотоксични напади - оштетувања на ДНК предизвикани од надворешни фактори. Кожата, како прва линија на одбрана од надворешниот свет, најчесто ја поднесува главната тежина од овие влијанија.

Оштетувањето на ДНК може да придонесе и за стареење на клетките и за развој на рак, но точните механизми и сигнали што ги поврзуваат видливите знаци на стареење сè уште не се целосно разјаснети.

Новото истражување се фокусира на меланомот - вид рак што најчесто се јавува на кожата и потекнува од меланоцити, специјализирани клетки кои создаваат меланин, пигментот одговорен за бојата на кожата и на косата. Меланоцитите настануваат од матични клетки во фоликулите на влакната, каде што постојано ја обновуваат бојата на косата.

Научниците од Универзитетот во Токио испитале како овие клетки реагираат на различни видови оштетувања на ДНК кај глувците. Кога настанува таканаречено двојно прекинување на ДНК, тие забележале специфична реакција: матичните клетки се трансформирале и исчезнале, што довело до побелување на влакното.

Кога кожата на глувците била изложена на УВБ-зраци или на канцерогената супстанција ДМБА, матичните клетки во фоликулите се однесувале поинаку. Иако имале оштетена ДНК, тие не се деактивирале, туку продолжиле да се размножуваат.

Тоа се должи на дејството на цитокинот, кој го поттикнува движењето на меланоцитите. Наместо клетките со оштетена ДНК да се „повлечат“, тие продолжуваат да се делат, што го зголемува ризикот од развој на меланом.

- Овие откритија покажуваат дека истата популација на матични клетки може да има две спротивни судбини, исцрпување или размножување, во зависност од видот на стресот и сигналите во околината - објаснува водечкиот автор, биологот Еми Нишимура од Универзитетот во Токио.

- Ова ги прикажува побелувањето на косата и меланомот не како две неповрзани појави, туку како различни резултати на реакцијата на клетките на стрес - додава Еми.

Научниците нагласуваат дека самото побелување на косата не значи дека човекот е заштитен од рак, туку дека телото активира заштитен механизам кој елиминира потенцијално опасни клетки.

Кога овој процес не се активира, оштетените матични клетки продолжуваат да живеат и да се размножуваат, што може да доведе до развој на рак.

Потребни се дополнителни истражувања за да се утврди дали истиот механизам важи и кај луѓето, но ова откритие веќе претставува голем чекор напред во разбирањето на поврзаноста меѓу стареењето и канцерогените процеси.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука