X
 31.01.2020 Образование

Платите на универзитетските професори ќе се покачат со законски измени, без колективен договор

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, соопшти дека зголемувањето од 10% на платите на вработените во високото образование ќе се реализира со измена на соодветен закон.
- На денешната средба со премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерката Мила Царовска, министерот за образование и наука Арбер Адеми и ректорите на јавните универзитети во РСМ ни беше соопштено дека техничката влада во овој момент се враќа на првобитниот став, предложен од ректорите, ова зголемување од 10% да се реализира со измена на соодветен закон. Исто така, договорено е во меѓувреме новоформираните синдикални организации на универзитетите да продолжат со нивните активности - пишува во соопштението.

Јанкуловски, исто така, пишува дека периодов членови на академската заедница на УКИМ изнеле невистини и паушални толкувања на важечките закони и притоа бил обвинет за наводно узурпирање на академската слобода и притисоци врз вработените на Универзитетот за членство во синдикат на УКИМ.
Тој појаснува дека колективното договарање во јавниот сектор се врши помеѓу основачот и соодветните синдикални организации, во случајов репрезентативен синдикат формиран на Универзитетот со Собранието на Македонија.

Синдикалното организирање во високото образование ги зовре односите во академската заедница измината недела. НАкС (Независниот академски синдикат) и СОНК (Синдикат на образование, наука и култура) соопштија дека има притисоци за вработените во високообразовните институции да пристапат во новите синдикати кои сè уште не се регистрирани, за да добијат зголемување на платите од 10% под услов потпишување колективен договор.

Независниот академски синдикат (НАкС) соопшти дека презел правни чекори и поднел пријави и претставки до пет надлежни институции за упадот на ректорите на јавните универзитети и Министерството за образование и наука во синдикалното здружување во дејноста високо образование. Пријави и претставки се поднесени до Државниот трудов инспекторат, Државната комисија за спречување на корупцијата, Народниот правобранител, Државниот просветен инспекторат и до Министерството за труд и социјална политика.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование