X
 31.07.2025 Живот

Сведоштво на поранешен астронаут: „При престојот во вселената сфатив дека човештвото живее во лага“

Рон Гаран, поранешен астронаут од НАСА кој поминал вкупно 178 дена во вселената на американскиот вселенски шатл, руското летало „Сојуз“ и на Меѓународната вселенска станица, отворено зборува за тоа како искуството на гледање на Земјата од вселената целосно му ја променило перцепцијата за светот и верувањата.

- Кога ја видов Земјата од вселената, сфатив дека човештвото живее во лага - изјави Гаран. Тој објаснува дека при погледот на планетата од вселената доживеал „отрезнувачко сознание“ - изгледот на Земјата, со нејзината биосфера која се прелева во бои на виножито и ги поврзува сите облици на живот, бил речиси нереален.

- Не видов економија. Но, системите што ги има создадено човекот, кои сѐ третираат низ призмата на економија, ја искривуваат сликата за светот, па од точка каде што завршува Земјата и започнува вселената станува јасно дека ние всушност живееме во лага - вели Гаран.

По враќањето на Земјата, Гаран ја опиша промената во неговата перспектива, предизвикана од феномен кој во научните кругови е познат како „ефект на преглед“.

 

- „Ефектот на преглед“ го опишува менувањето што го доживуваат астронаутите кога ја гледаат планетата како лебди во темнината на вселената. Одеднаш сфаќаме колку сме сите меѓусебно поврзани и зависни едни од други - нагласува тој и додава дека во метафоричка смисла, „човештвото лебди во темнина“.

- Мислиме дека ја знаеме целата слика, а всушност гледаме само мал дел од неа. Поради тоа што не ја согледуваме вистинската слика, не сме способни да ги решиме многуте проблеми со кои се соочуваме. Во моментов, како цивилизација, плаќаме висока цена за тоа. Една од причините зошто не наоѓаме решенија е недостигот на вистинска перспектива. Мораме да се извлечеме од таа темнина - објаснува Гаран.

Искуството на набљудување на Земјата од вселената го инспирирало Гаран да ја развие идејата за „орбитална перспектива“, која ја опишува како повик на акција и промена на начинот на кој го гледаме светот.

- Орбиталната перспектива е чувство на неправда што се јавува кога ќе се види контрастот меѓу неописливата убавина на нашата планета и тешката реалност на животот за голем број нејзини жители - нагласува тој.

Наместо во прв план да ги ставаме економијата или општествените системи, Гаран повикува на промена на начинот на размислување.

- Треба да му пристапиме на животот така што ќе ги користиме нашите ресурси и знаења во корист на човештвото како целина - порача поранешниот астронаут.

Извор: Klik.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот