X
 31.10.2018 Живот

Овој морничав мит за „Дизниленд“ всушност е вистина

Многу луѓе сакаат засекогаш да останат во забавните паркови „Дизниленд“. Според најновите известувања, некои луѓе и се обидуваат да го направат тоа така што ги тераат нивните блиски таму да им ја расфрлаат пепелта откако ќе бидат кремирани.

Во забавниот парк во Анахајм во американската сојузна држава Калифорнија и во Беј Лејк на Флорида тоа се случува толку често, што вработените веќе имаат специјална шифра која ја кажуваат кога ќе забележат знаци на пепел, а тоа е: „HEPA cleanup“.

Вработените тогаш одат со правосмукалка опремена со ХЕПА-филтер, специјално дизајнирана за собирање на најситните честички, и ги собираат остатоците.

Според известувањата на американските медиуми, досега пепел била расфрлана на разни места, но најчесто во „Прогонуваната куќа“. Ова не носи ризик за јавното здравје, но тоа не значи дека од „Дизни“ сакаат пепел во нивните паркови.

- Ваквото однесување е строго забрането и незаконско. Посетителите што ќе се обидат да го направат тоа ќе бидат отстранети - истакнува портпаролот на „Дизни“.

Всушност, во повеќето американски држави расфрлањето пепел на приватен имот без дозвола се смета за прекршок и може да се казни. Сепак, има места каде што е легално да се расфрла пепел во САД. Тоа е дозволено во националните паркови, ако ужалените имаат соодветна дозвола и ако се осигурат дека пепелта ќе биде расфрлана подалеку од фреквентни места. Дозволено е пепелта да се расфрла и во морето, но само на оддалеченост од најмалку три наутички милји од копното.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот