X
 31.10.2025 Живот

На „Нетфликс“ излезе втората сезона од серијата што го открива најбизарниот вистинит настан на едно изолирано островче

Португалската серија „Rabo de Peixe“ („Пресврт на приливот“) се базира на вистинит настан од почетокот на веков кога на бреговите на сиромашниот азорски остров заринка половина тон кокаин. Втората сезона штотуку излезе на „Нетфликс“.

Рајски острови со мрачна вистина

Како си ги замислувате Азорските Острови? Драматични предели, вулкански кратери, сини езера и водопади, вистински природен рај. Но на почетокот на 21 век зад таа убавина се криеше сиромаштија, изолација и недостиг на можности за младите.

Во тој мрачен контекст е сместено дејствието на серијата „Пресврт на приливот“, која ја прикажува неверојатната вистинита приказна што засекогаш го промени изгледот на островот Сао Мигел.

Првата сезона ја прикажува случката од 2001 година кога на брегот на сиромашниот остров заринкале пакети со половина тон кокаин - стока вредна над 20 милиони евра.

Рабо де Пеише, мало рибарско место на Сао Мигел, било симбол на безизлезност и сиромаштија. Но едно утро рибарите нашле необични пакети завиткани во пластика и запечатени со мистериозни симболи. Брзо станало јасно дека содржат дрога и дека ништо повеќе нема да биде исто.

Речиси секој дом на островот бил засегнат од неочекуваниот „плен“. Жените дури панирaле риба во кокаин, мислејќи дека може да се користи како брашно. Резултатот бил катастрофален - труења, смртни случаи и нова појава на зависности во заедницата која дотогаш не познавала ваков криминал.

Додека едни жители соработувале со полицијата, други во дрогата виделе шанса за брзо збогатување, но со тоа само си донеле повеќе неволји. Цената на дрогата на островот драстично паднала, а полицијата и конкурентите биле на секој чекор.

Приказна за младите што сонуваат за бегство


Серијата следи група млади луѓе кои во дрогата гледаат начин да избегаат од сиромаштијата. Првите епизоди верно го прикажуваат општествениот амбиент на тоа време: безнадежност, сиромаштија и соништа за подобар живот.

Втората сезона, која штотуку почна да се прикажува, ги следи нивните животи по настанот, засекогаш обележани од трагедијата што го потресе островот.

Како стигнала 
дрогата до Сао Мигел?

Подоцна се дознало дека кокаинот бил дел од нелегален транспорт од Јужна Америка кон Европа. Ноќта пред да се откријат пакетите, невреме го зафатило шверцерски брод, па за да избегне потонување или полициска потера, екипажот ја фрлил дрогата во морето. Неколку пакети потонале, но дел завршиле на азорските плажи.

Капетанот на бродот бил уапсен неколку дена подоцна со дополнителни докази: сателитски телефон и шифриран дневник на пловидба.

Последици што траат повеќе од две децении


„Гардијан“ во 2019 година објави репортажа за долгорочните последици од инцидентот. Жителите се сеќаваат на денови исполнети со напнатост, страв и неочекувана алчност. Некои гледале можност за побрзо богатство, други стравувале дека ќе дојдат криминалци.

Со текот на времето, пораснал бројот на зависници, а властите вовеле построги безбедносни мерки и едукативни програми за спречување слични случаи.

Од трагедија до туристичка атракција


Денес, приказната за „белото богатство“ стана дел од локалниот фолклор. На островот има туристички тури до местото каде што биле пронајдени пакетите, а во баровите се служи коктел наречен „Половина тон“.

Но под таа иронија се крие горчливата вистина дека ниедно место, колку и да е изолирано, не е имуно на глобалните криминални мрежи. Понекогаш границата помеѓу мит и реалност е само еден пластичен пакет што океанот го исфрла на брегот.



Извор: Putnikofer.hr 
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот