X
 01.01.2021 Наша тема

Можеме сите да бидеме херои на 2021!

Лани за Нова година си порачавме: Да бидеме благодарни! Оваа ќе додадеме: Да бидеме и одговорни! Оти одговорноста ни носи ново утро.

Последните 365 дена беа тешки, збунувачки, полни со многу непознати и ги поминавме по нови правила, протоколи, оддалечени едни од други, со маски на лицата и страв во душите. Црните статистики за кои информиравме не се само бројки, туку и големи празнини за многумина што останаа без своите сакани, а проблемите за кои пишувавме се наше секојдневие, она што го формира (не)квалитетот на нашите животи на ова парче земја, каде што како да сме навикнале деновите да ни минуваат со тешки мисли и уште потешки вести. Поаѓајќи прво од себе, со ладни глави и убава мисла, да си посакаме навиките да се сменат, да работиме на тоа. Заслужуваме многу повеќе и не е погрешно тоа и да го очекуваме.

Ќе бидеме благодарни и за паѓањата и за солзите, и за новите воздигнувања и за кренатото чело, без кои немаше да бидеме изградени во она што сме денес, но да бидеме и помудри и свои. Да бидеме чисто парче на планетата, за со задоволство тука да останеме, да учиме и да се развиваме.

2021 за нас е јубилејна, славиме 10 лета. Посакуваме многу убави приказни за нови исчекори, за прогрес, за нови можности, а проблемите да станат предизвици што брзо се решаваат. Сите да бидеме хероите на годината!

Наредните 12 месеци нека ни се исполнети со здравје, љубов, убави мигови и многу среќни приказни.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема