X
 01.06.2025 Наука

Кучињата можат да препознаат кога некој не е достоен за доверба

Можеби ви изгледаат наивно и секогаш подготвени да ве послушаат, но кучињата многу внимателно ги следат вашите постапки. Научници од Универзитетот во Кјото откриле дека кучињата можат да проценат дали човек заслужува доверба, па ако еднаш измамите или излажете куче, тоа повеќе нема да ве следи. Ова откритие покажува дека нашите верни пријатели имаат многу пософистицирано разбирање за човечкото однесување отколку што претходно се сметало.

Истражувањето, предводено од Акико Такаока, имало цел да открие дали кучињата можат да препознаат кога некој лаже и дали ќе продолжат да следат упатства од лице кое веќе еднаш ги измамило. Во експериментот биле вклучени 34 кучиња, а задачата била едноставна: човек покажува со прст во одредена насока, а кучето треба да ја следи без разлика дали станува збор за земање топче или да провери одредено место.

Во првиот круг, истражувачот покажал кон сад во кој имало скриенo вкусно изненадување, кое кучето го добило. Во вториот обид, истиот човек покажал кон празен сад без награда. Во третата рунда, повторно покажал кон сад со награда. Но, и покрај тоа што таму навистина имало скриен вкусен залак, кучињата не се ни потрудиле да проверат.

- Овие резултати покажуваат дека кучињата не само што одлично ги разбираат гестовите на луѓето, туку и можат да направат заклучок за тоа колку е личноста сигурна, па врз основа на тоа да го променат своето однесување - стои во истражувањето.

Такаока вели дека била изненадена од тоа колку брзо кучињата престануваат да му веруваат на човек што ги излажал.

Помладите кучиња почесто следеле наредби, дури и кога биле погрешни

- Овој тест покажува дека кучињата ја користат сопствената процена за да утврдат дали некој човек е достоен за доверба. Тие поседуваат многу пософистицирана социјална интелигенција отколку што мислевме. Оваа социјална интелигенција се развивала селективно низ нивната долга историја на живот со луѓето - вели Такаока.

Слично истражување било спроведено и од Универзитетот во Виена во 2021 година, при што биле анализирани реакциите на 260 кучиња. Во овој експеримент научниците користеле две чинии - едната празна, а другата со награда. Прво, човекот покажувал кон чинијата А, каде што имало награда. Потоа, пред очите на кучињата, влегувал друг човек и ја префрлал наградата во чинијата Б. Конечно, истиот човек повторно покажувал кон сега празната чинија А.

Научниците откриле дека половина од кучињата го игнорирале човекот свесни дека им укажува на погрешната чинија, што сугерира дека можеле да препознаат дека некој ги лаже. Сепак, помладите кучиња почесто следеле наредби, дури и кога биле погрешни.

- Нашето истражување претставува прв експериментален доказ дека кучињата можат да разликуваат помеѓу вистинско и лажно верување во задача со менување на локацијата - пишуваат истражувачите.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука