X
 01.09.2025 Наука

Научници пронајдоа три едноставни промени што го намалуваат ризикот од дијабетес за 31%

Медитеранската исхрана во комбинација со намален внес на калории, умерена физичка активност и професионална поддршка за губење тежина може да го намали ризикот од дијабетес тип 2 за 31 %, покажува нова студија на истражувачи од Школата за јавно здравје „Т.Х. Чен“ при Универзитетот „Харвард“.

- Се соочуваме со глобална епидемија на дијабетес. Со докази од највисоко ниво, нашата студија покажува дека умерени, постојани промени во исхраната и животниот стил може да спречат милиони случаи на оваа болест во светот - истакна Франк Ху, коавтор на студијата.

Претходни истражувања, исто така, ја поврзуваа медитеранската исхрана - која вклучува голем внес на овошје, зеленчук, интегрални житарки и здрави масти, умерен внес на млечни производи и посни протеини и малку црвено месо - со подобро здравје, вклучително и помал ризик од дијабетес тип 2, преку подобрена чувствителност на инсулин и намалени воспаленија.

Истражувачи од 23 универзитети во Шпанија и „Харвард“ поделиле 4.746 учесници во интервентна група и контролна група и го следеле нивното здравје во текот на шест години. Интервентната група се хранела со медитеранска диета, го намалила внесот на калории за 600 калории дневно, имала умерена физичка активност и професионална поддршка за контрола на слабеењето. Контролната група исто така се хранела со медитеранска диета, но без рестрикции во однос на калориите, без водич за вежби и без професионална поддршка. Учесниците биле на возраст помеѓу 55 и 75 години, со вишок килограми или дебели и имале метаболен синдром, но немале дијабетес тип 2 на почетокот на студијата.

Со студијата било откриено дека оние во интервентната група имале 31 % помал ризик од развивање дијабетес тип 2 во споредба со оние од контролната група. Дополнително, интервентната група изгубила во просек 3,3 килограми и го намалила обемот на половината за 3,6 сантиметри, во споредба со 0,6 килограми и 0,3 сантиметри во контролната група.

- Практично кажано, контролата на калориите, физичката активност и медитеранската исхрана спречуваат околу три од секои 100 лица да развијат дијабетес - јасен и мерлив бенефит за јавното здравство - изјавил коавторот Мигел Мартинез-Гонзалез.

Извор: Science Daily
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука